СКОПСКАТА ЗООЛОШКА БАРА ДЕВОЈКА ЗА МОРСКИОТ ЛАВ КАН ОД ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД НИРНБЕРГ

    СКОПСКАТА ЗООЛОШКА БАРА ДЕВОЈКА ЗА МОРСКИОТ ЛАВ КАН ОД ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД НИРНБЕРГКан две години е сам во своето живеалиште, оти вториот морски лав Аби угина во февруари 2017 откако голтна камен кој му бил фрлен од посетител. (Фото: Зоолошка градина)

    Зоолошката градина му бара девојка на морскиот лав Кан. Тој веќе две години е сам во своето живеалиште откако вториот морски лав Аби, кој заедно со Кан стигна во Скопје од Зоолошката во Загреб, угина во февруари 2017 откако голтна камен кој му бил фрлен од посетител.

    Изминатиот викенд, делегација од Зоолошката предводена од зоо-негователот Војо Иванов беше во посета на градината во збратимениот град Нирнберг, при што преговарале Кан да добие девојка.

    „На директорот на Зоолошката градина во Нирнберг Даг Енке му врачивме благоданица за досегашната поддршка и помош. На работната средба ни ветија дека ќе се заложат што побргу морскиот лав Кан да добие партнерка од градината во Нирберг. Исто така, со директорот Енке разговаравме да го помогнат процесот Скопје наесен да добие пингвини и други животни“, велат од Зоолошката градина.

    Кан е жител на Зоолошката градина од септември 2015.

    Пролетва во Зоолошката ќе стигнат фламинга и зебри. Фламингата ќе бидат донација од Зоолошката градина во Келн, а зебрите од градината во чешкиот град Либерец. Наесен ќе стигнат и пингвини.

    Минатата недела, во Зоолошката почна чистење на големото езеро кое не било исчистено 13 години. Со механизација на ЈП „Улици и патишта“ се чисти тињата која  се собирала со години.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира