Скопски Раштак при два водоводи, еден месец, живее без вода. На стариот водовод има дефект, а новиот, чиј краен рок за завршување беше 1 јуни, сè уште се гради. За потребите на жителите ЈП „Водовод и канализација“ испраќа по две цистерни дневно.
Општина Гази Баба вели дека се работи на поправка на дефектот на стариот водовод.
„ Во моментов има посериозен дефект на филтер станицата за прочистување на водата. Делот е веќе порачан од Израел оти го само таму. Ветено е од нивна страна дека делот ќе биде испорачан за 15 дена“, рече Емилија Кипровска, портпарол на Општина Гази Баба.
Делот од филтер станицата што е во дефект, бил дотрајан. Борис Трајковски, претседател на месната заедница Раштак вели дека делот е потрошен материјал и често се менува.
„Овој дел се користеше сигурно веќе десет години и веќе беше амортизиран. Тој е клучен за прочистување на водата. Сега водата место низ два, минува само преку еден филтер и не е за пиење. Може да се користи како техничка вода, а за готвење и за пиење ’Водовод’ ни испраќа цистерни“, вели претседателот Трајковски.
Водоводот е стар повеќе од четириесет години. Трајковски вели дека не е граден по стандарди туку минува низ бавчи и ниви, а им се појавувало и истекување вода кое не можат да го лоцираат. Сите проблеми треба да ги реши новиот водовод кој почна да се гради лани во ноември.
„Примарната мрежа за високата зона е изградена, се гради и нов резервоар, но најавена е и секундарна мрежа, чија изградба воопшо не е почната. Работите се издолжија поради истечените мандати на градоначалникот и на советниците. Одлука за водоводот требаше да помине на Советот, но за да се изгласа советниците чекаа да се реши проблемот со мандатите. Сега е изгласана и изградбата е во тек“, вели Трајковски.
Новиот водовод, кој подразбира изградба на резервоар за висока зона и изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Раштак, чини 123.490 евра. Европската унија учествува во финансирањето со 90.000 евра, а останатите ги обезбеди Владата на Република Македонија. Изведувач на градежните работи е АД „Енергомонт Скопје“ . Од Општината нема нов рок во кој треба да биде завршена изградбата на водоводот по пробивање првичниот рок, 1 јуни.