Ќе поскапи водата во Скопје. ЈП „Водовод и канализација“ кон крајот на минатата година доставило барање до Регулаторната комисија за зголемување на цените поради зголемените сметки за струја. Одлуката не е помината на Совет на Град Скопје.
„Ние донесовме нови цени по барање на скопски ‘Водовод’. Тие побараа минималното зголемување да биде да биде 2,5 денари по метар кубен, а максималното 5,3 денари. Ние одобривме минимално поскапување од 0,76 денари за метар кубен, а максимално од 3,4 денари. Во просек домаќинставата трошат 10 кубици вода. Тоа значи дека ако се прифати минималната нова цена поскапувањето ќе биде 7 денари“, вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски.
Колку ќе поскапи водата сега треба да одлучи Град Скопје. „Водовод и канализација“ врз основa на одлуката на Регулаторната комисија треба да достави нова цена за водата до Советот на Град Скопје и таа одлука да биде изгласана од мнозинството советници.
Од „Водовод и канализаија“ соопштија дека „во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година“, но дека тие не побарале од Советот на Град Скопје поскапување на водата.
А. АНТЕВСКА