Металната скулптура „Дојрански рибар на струмичкиот скулптор Никола Пијанманов е поставена покрај Дојранското Езеро. Висока 250 сантиметри и тешка 300 килограми, скулптурата го симболизира опстојувањето на дојранчани преку рибарството, и покрај сите голготи што ги претрпело езерото.
Пијанманов вели дека делото ја симболизира врската меѓу човекот и рибата во Дојран. За неговата изработка, уметникот истражувал многу стари фотографии и записи поврзани со рибарскиот занает, а на самата скулптура работел два месеца.
„Скулптурата е резултат на истражување на локалните вредности, приказни и традиции, како и на она што жителите на Дојран го сметаат за важно и препознатливо за својата заедница. Таа му оддава почит на дојранскиот рибар и на неговата вековна поврзаност со езерото. Воедно, пред пошироката публика ја претставува длабоката врска на луѓето со езерото, како и потенцијалите за идниот развој на туризмот и културата што произлегуваат од таа поврзаност“, вели Пијанманов.
Со ова дело Пијанманов сака да го прикаже и меѓусебниот однос на езерото и рибарите во Дојран, како и односот на заедницата кон езерото.
„Суштината на идејата е егзистенцијална, но и социјална. Рацин ја опеа Ленка како жртва на тутунот, дојранскиот рибар, пак, со годините станал жртва на исчезнувањето на рибата, загадувањето и сушењето на езерото, кое, ете, покрај сите искушенија на модерното време, опстојува и му пркоси на времето. Кревкото тело на рибарот е симбол на силата на нашиот народ, на човекот кој преживеа војни, преживува долги транзиции, социјални и еколошки кризи, но уште стои исправен. Како што во романот на Хемингвеј рибарот не се предаде, иако неговиот труд го изедоа ајкулите, кои, секако, беа метафора на суровиот и алчен свет“, ни рече Пијанманов.
Скулптурата е дел од проектот „Скулптурални инсталации/Топоними“ на Центарот за современи уметности – Скопје, финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, во рамките на поддршката за развој на креативните индустрии во 2026 година.
В. ТРАЈКОВ



