СЛАВЕСКИ ПОБАРА ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ДА МУ ГО ВРАТИ КОПЧЕТО ШТО МУ ГО ИСКЛУЧИ АРСОВСКА, ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ОД ГОВОРНИЦА ДА ЗБОРУВА КОЈ ШТО САКА

    СЛАВЕСКИ ПОБАРА ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ДА МУ ГО ВРАТИ КОПЧЕТО ШТО МУ ГО ИСКЛУЧИ АРСОВСКА, ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ОД ГОВОРНИЦА ДА ЗБОРУВА КОЈ ШТО САКАИсклучувањето на копчето на Славески следеше откако тој ѝ го исклучи микрофонот на Арсовска пред три седници. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, побара да интервенира Инспекторатот за локална самоуправа бидејќи градоначалничката Данела Арсовска му ја одзема можноста да ги исклучува советниците додека говорат.

    Пред две седници, во Советот беше поставен нов систем со кој претседателот на Советот веќе нема копче со кое може да ги исклучува советниците ако говорат надвор од дневниот ред. Тоа е предвидено со Деловникот за работа на Советот и досега не се случило ваквото право да биде одземено. Исклучувањето на копчето на Славески следеше откако тој ѝ го исклучи микрофонот на Арсовска пред три седници бидејќи таа го критикуваше и го повикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

    „Поднесов барање и наредба до Секторот за општи работи да ми се врати можноста да одземам збор. Но, тоа не е направено, иако е деловничко право. Тоа е единствен начин да се води седницата, не може секој што сака да говори на говорницата. Според Деловникот, ако некој и по три опомени не се придржува до дневниот ред и деловникот, може да биде исклучен. Ова право уште не ми е вратено и затоа го повикувам Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира”, рече Славески, по што ја прекина седницата и даде половина час пауза.

    Арсовска, која и понатаму седи во последниот ред од салата, му довикна на Славески „срамота, срамота, ова никогаш не се случило”.

    По паузата, Славески им кажа на советниците дека ќе има нов начин на водење на седниците, бидејќи копчето не му е уште вратено.

    „Советниците ќе зборат од место, не од говорница или тука од микрофонот до мене”, рече Славески.

    На денешната седница на дневен ред се советнички прашања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира