СЛОБОДНО НАВИВАЈТЕ ЗА ЃОКОВИЌ НА ВИМБЛДОН, НЕ СУМ БУДАЛА ДА ПРАВАМ УЛИЦА ВО ПАРК ШТО ЈАС СУМ ГО НАПРАВИЛ, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИ

    СЛОБОДНО НАВИВАЈТЕ ЗА ЃОКОВИЌ НА ВИМБЛДОН, НЕ СУМ БУДАЛА ДА ПРАВАМ УЛИЦА ВО ПАРК ШТО ЈАС СУМ ГО НАПРАВИЛ, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИЈакимовски вели дека лага било оти ќе се градат 5 згради. (Фото: Општина Карпош)

    Булеварот Македонија со кој, како што велат, ќе се уништи паркот кај студентски дом „Гоце Делчев“ е предвиден уште од Кензо Танге во 1964 година, ние ништо ново не цртаме за таа сообраќајница, рече градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Тој денеска заедно со вработените од Секторот за урбанизам преку живо вклучување на својот фејсбук профил го презентираше Деталниот урбанистички план  (ДУП) за ЈО3 блок 2. Како што рече, граѓаните се изманипулирани од една политичка партија, и дека содржините се нацртани со Генералниот урбанистички план (ГУП) и со претходните детални планови, сега само се подобрува планот.

    Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани. Чиста лага е и дека нам ни текнало да нацртаме аутострада со која ќе ги уништиме парковите, зеленилото, детски игралишта. Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги срушам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил“, кажа Јакимовски.

    Булеварот Теодосиј Гологанов го проектирал Кензо Танге, и сите градоначалници наваму го следеле неговиот план. Во претходниот ГУП овој булевар беше предвиден со профил од 78 метри. Како што кажа Јакимовски по негово инсистирање кај тогашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски во новиот ГУП од 2012-2022 година, профилот на булеварот е намален на 60 метри. Со овој ДУП како позитивна промена исто така предвидени се три влеза и излеза во булеварот, за разлика од досега каде има само еден.

    Треба некој да ме смета за луд да направам план односно улица со која ќе го срушам паркот, игралиштето, фонтаната која јас сум направил, дека ќе ги исечеме дрвјата кои јас сум ги засадил и ќе ги откорнат клупите и корпите ставени од мене. Веројатно на овие 63 години, со овие бели коси, не ме мислите дека толку сум скренал со паметот. Треба да имате максимална доверба во раководството на Општината, да не ги слушате оние што ве лажат, еве ви го и мојот број, јавете ми се во било кое време. Уживајте во паркот, дружете се, гледајте серии, гледајте Вимблдон и навивајте за Ѓоковиќ. Ние како Општина работиме во ваш интерес, оставете ги оние кои лажат. Кој лаже, тој краде“, рече Јакимовски.

    Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денеска во второто коло на Вимблдон игра со Џордан Томпсон.

    По обраќањето, Јакимовски замина на седницата на Совет на Општина Карпош, каде на дневен ред беше усвојување на овој план. На седницата присуствуваа граѓани, кои нервозно довикуваа и бараа планот да не се усвои. Јакимовски, само што почна седницата, зема збор и рече дека ги повлекува сите точки, меѓу кои и онаа за планот, а граѓаните ги повика кај него во канцеларија во групи по 20, за да им го објаснат планот и да видат дека нема никакви промени од претходно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира