Белгиските слоници Дуња и Даела денеска стигнаа во скопската Зоолошка градина. Тие беа транспортирани од Белгија со камиони и до сабота ќе бидат во карантин во новото живеалиште во Зоолошката.
Едната слоница е африканска, другата азиска и двете се стари по 30 години.
Денеска и утре поради подготовки за настанот и привикнување на слониците во новото живеалиште Зоолошката градина нема да биде отворена за посетители.
Посетителите новите жители на Зоолошка ќе можат да ги видат во сабота. На забавата по повод доаѓањето на слониците а која ќе биде под мотото „За европска Зоолошка“ ќе настапат хорот на Златно злавејче и Пет+ бенд.
Последен пат слон во градината во Скопје имало пред 26 години. За слониците Дуња и Даела изградено е ново живеалиште, со отворен и затворен дел, според најсовремените светски стандарди и според површината која ја зафаќа е едно од најголемите во скопската Зоолошка.
А. АНТЕВСКА