СНЕГОТ ЈА ОТЕЖНИ ПРООДНОСТА КОН ШАРПЛАНИНСКИТЕ СЕЛА, НЕМА ЗАСТОИ НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ГОСТИВАР

    СНЕГОТ ЈА ОТЕЖНИ ПРООДНОСТА КОН ШАРПЛАНИНСКИТЕ СЕЛА, НЕМА ЗАСТОИ НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ГОСТИВАРГлавните сообраќајници во градот се расчистени, но не и дел од тротоарите (Фото: СДК.МК)

    Тетово утрово осамна под снежна покривка висока 15-ина сантиметри. Првиот снег беше и прв предизвик за тетовските комуналци откако неодамна градоначалникот Билал Касами го стопираше тендерот за зимско одржување на патиштата и најави дека таа работа ќе ја извршува Јавното комунално претпријатие на општината. Неговата механизација донекаде ги расчисти главните сообраќајници во градот, но поради големиот број паркирани возила не беше во можност целосно да ги исчисти улиците. Исто така, само мал дел од тротоарите се исчистени од снегот.

    И додека во градот состојбата е релативно добра, жителите на шарпланинските села Шипковица, Бозовце, Бродец и Вејце се жалат дека патот не бил навреме исчистен, па имале големи проблеми. Чистењето на овие регионални патишта е во надлежност на Општина Тетово.

    „Утрово станав да одам на работа, но поради неисчистениот пат не можев да отидам. Овде кај нас има над 30 сантиметри снег и без да се исчисти патот, не можеме да дојдеме до Тетово“, вели Зеќирија Ќазими од Шипковица.

    Што се однесува до одвивањето на сообраќајот на автопатот и на магистралните патишта, таму е активирана механизацијата на „Македонија пат“ и, како што велат оттаму, нема застои.

    „Деловите од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар кои се во наша надлежност се исчистени и сообраќајот се одвива без застој. Сега ги расчистуваме магистралните патишта во општината. Расчистувањето на магистралниот пат кон Јажинце оди малку потешко бидејќи во овој регион има паднато над 20 сантиметри снег, кој е кашест и многу тежок. Прооден е патот кон Попова Шапка, каде што во овој момент има преку 40 сантиметри снег“, изјави Дејан Јовановски од тетовската подружница на „Македонија пат“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира