Општина Штип почна да го реализира проектот за целосно уредување на тврдината Исар, кој предвидува комплетна обнова на ѕидините чиј сегашен изглед датира од 14 век, со остатоци од вториот век со надградби до шестиот век. Проектот ќе чини 90.000.000 денари (1,4 милиони евра), финансиран од унгарскиот кредит на Владата.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека според огласот и спроведениот тендер, одбрана е компанијата „Стентон градба“ од Битола, која е изведувач на работите и на браната на реката Отиња. Оваа градежна фирма треба за 18 месеци да го реализира проектот за целосна реставрација на тврдината Исар. Дотраените ѕидини ќе се обноват и ќе се надградат со неколку метри, какви што биле порано. И трите куполи на врвот ќе бидат надградени за околу седум метри. Според пресметките, ќе се вградат над 3.500 кубни метри адекватен камен, отпорен на атмосферски влијанија.
Штипјани традиционално секоја година масовно се искачуваат на врвот на Исарот за денот на пролетта на 22 март, кога се изведува народниот обичај Четр’се, прогласен за нематеријално културно наследство од УНЕСКО во 2013.
„Проектот кој се реализира со средства од унгарскиот кредит е мошне значаен за Штип и пошироко. Покрај комплетната обнова на ѕидините на тврдината, се предвидува од страна на најблагата падина, каде пред неколку години се открија остатоци од црква и се подигна значаен археолошки локалитет, да се изгради и пат од шеталиштето покрај реката Брегалница до врвот на Исарот. Патот ќе биде прилагоден и за автобуси, а пред самиот врв на Исарот, од страната која досега не се користела ниту за искачување, планиран е и широк паркинг простор“, вели Јорданов.

На тендерот е одбрана компанијата „Стентон градба“ од Битола, која треба за 18 месеци да го реализира проектот за целосна реставрација на тврдината Исар; – Модел за обнова на Исар. (Фото: СДК.МК)
Надзор на градежните работи ќе врши Заводот и Музеј во Штип, од каде досега на тврдината Исар спровеле повеќе реставрации на содржините, посебно на самиот врв на тврдината, каде има неколку куполи и базен за дождовница градени уште на почетокот, кои подоцна се користеле и како бањи за отоманската војска што го освоила Штип во 1385 година.
„Стратешката положба на тврдината Исар, како вечен историски белег на градот, ја забележале Римјаните. Местото Астибос археолошки е потврдено со разни камени споменици од 2 до 6 век. Од тоа време потекнува и големиот тунел пробиен низ гранитни карпи од течението на реката Брегалница до врвот на тврдината. Во истото подножје на тврдината се регистрирани остатоци од ранохристијанска базилика со капители од 6 век. До ова археолошко наоѓалиште е изграден пат, а со новиот проект овој пат ќе продолжи сè до самиот врв на Исарот“, велат од Музејот.
Ѕидовите на тврдината Исар се градени со плочест слог, залиени со малтер, а самата тврдина се состои од два дела, опкружени со одделни ѕидни појаси. Едниот е замокот (дворецот), поставен на највисокиот дел од ридот, долг 150 метри, а широк од 20 до 50 метри. Северниот дел завршувал со триаголна кула, која денеска е урната. На средината од источниот ѕид (кој речиси целосно е урнат) стои главната кула (донжон). Покрај неа, од јужната страна стоела порта за влез во замокот, а од спротивната страна на кулата е потпрена стражарската куќа за внатрешната порта низ која се влегувало во дворот на палатата.
Штипските историчари и археолози откриле дека во воените операции против Самоил, византискиот цар Василиј Втори во 1014 година ја освоил тврдината Исар над Штип, кој тогаш се викал Стипион. Отоманската војска го освоила Штип во 1385 и најмалку два века на Исарот држеле воена посада. Во 1539 имала 17, а во 1573 година 11 стражари. Во своите патни белешки, Хаџи Калфа и Евлија Челебија велат дека тврдината во Штип во 17 век била запустена. Потоа тврдината веќе никој не ја користел сè до поново време, кога штипјани, веднаш по заминувањето на Турците, ја чувствувале како своја и постепено ја обновувале.
Се очекува комплетната реставрација на Исарот, според донесениот план, да биде завршена до октомври 2027 или евентуално до крајот на таа година.
Т. ЈОВАНОВСКИ



