Откако вчера премиерот Христијан Мицковски најави дека со донација ќе се реконструира делот од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во кој учат учениците од македонските паралелки, на денешната седница на Советот на Општина Тетово едногласно е прифатена донацијата за таа реконструкција.
Донатор е компанијата „Унипромет НМ ДООЕЛ Скопје“. Оваа компанија ќе донира 800.000 евра кои ќе бидат наменети за целосна реконструкција на двата објекта од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово познати како Старо медицинско училиште.
Со реконструкцијата на првата зграда ќе бидат опфатени 7 училници, 1 кабинет за информатика, 2 тоалета, 1 наставничка канцеларија, 1 просторија за библиотека, 1 канцеларија за помошник директор и 1 просторија за технички персонал. Во втората зграда ќе се реконструираат 6 училници, 1 наставничка канцеларија, 1 тоалет, училници за кабинети по природни науки и 1 мала спортска сала.
До 2001, во централниот објект на гиимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ заедно учеа учениците кои ја следеа наставата на македонски и на албански јазик. Но, по неколку инциденти и тепачки меѓу учениците, наставниците и учениците од македонската настава чувствувајќи се небезбедно ја напуштија гимназијата и неколку години наставата ја следена во несоодветни објекти, во училиштето „Гоце Делчев“, како и во просториите на Работничкиот универзитет. Од учебната 2017/2018 наставата се одвива во двата овие објекта познати како Стара медицина. Но и овие две згради, кои се изградени во првата половина на 20 век, ни од далеку не ги задоволуваа условите за одвивање современа настава.
З. АНДОНОВ