СО ДРОН УТВРДИЛЕ ДЕКА КАБЛИТЕ НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ НЕ СЕ ОШТЕТЕНИ, ГАРЕВСКИ ВЕЛИ ТРЕБА ЛЕСНА САНАЦИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ЗБОРУВА ЗА КОЗМЕТИЧКО РЕФРЕШИРАЊЕ

    СО ДРОН УТВРДИЛЕ ДЕКА КАБЛИТЕ НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ НЕ СЕ ОШТЕТЕНИ, ГАРЕВСКИ ВЕЛИ ТРЕБА ЛЕСНА САНАЦИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ЗБОРУВА ЗА КОЗМЕТИЧКО РЕФРЕШИРАЊЕТимот на Гаревски на централниот распон на мостот немал пристап, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. (Фото: СДК.МК)

    На мостот „Беласица“ нема сериозни оштетувања и потребна ќе биде лесна санација која трае околу 20 дена, вели професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Гаревски е ангажиран од Град Скопје да направи експертиза за мостот кој беше опожарен на 12 мај.

    „Испитувањата се завршени и експертизата ќе биде готова и доставена до Град Скопје наредниот понеделник. Од она што е утврдено, на мостот ќе му биде потребна лесна санација. Нема да кажам како градоначалничката Данела Арсовска дека му е потребно козметичко рефреширање туку лесна санација“, вели Гаревски.

    Тимот на Гаревски на централниот распон на мостот немал пристап, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. Снимката се правела само странично, бидејќи како што вели Гаревски, ‘под цевките за парно има жици и дронот не може таму да се движи‘.

    „На мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што ја добивме од снимката за дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон“, вели Гаревски.

    Тој објаснува дека торкретирањето со бетон на долниот дел од плочата над цевката не може да се врши без таа да се отстрани. Па од отстранувањето на цевката од страна на тимовите на ЕСМ ќе зависи кога ќе почне санацијата.

    „За санацијата, ако Град Скопје одма без тендер избере фирма поради итност, ќе бидат потреби 20-тина дена. Потоа ќе вршиме пробно товарање на мостот со 60-тонски возила, што е вообичаена пракса и потоа тој ќе биде пуштен во употреба. Секако, тоа нема да може да биде другата недела, тогаш ќе ја објавиме експертизата и Градот ќе треба да почне со постапката за санација, а треба и ЕСМ да ја отстрани цевката“, додава Гаревски.

    Од ЕСМ Дистрибуција соопштија дека почетокот на активностите за санација на опожарениот топловод е поврзан со завршување на сите дејствија и проверки на состојбата на мостот од вклучените релевантни институции и компании.

    „ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе вложи максимални напори отстранувањето на опожарениот топловод на мостот да се заврши во најкраток можен рок. И покрај опожарувањето на мостот Беласица, во следната грејна сезона која почнува во октомври 2023 ќе има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа“, соопштија од ЕСМ Дистибуција попладнево, неколку часа по објавувањето на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Градоначалничката Данела Арсовска, гостувајќи во вестите на телевизија Сител, кажа дека на мостот му е потребно козметичко рефреширање и тој другата недела ќе биде пуштен во употреба за пешаци и возила. Рече дека намерно во јавноста се ширело паника дека мостот има сериозни оштетувања и ќе биде затворен најмалку една година, а го прозва и деканот на Градежен факултет Горан Марковски.

    „Несериозно е деканот на Градежен факултет кој седи дома болен од ковид и некој експерт кој го погледнал мостот од 50 метри далечина да даваат некакви квалификации дека ќе треба една година за санација или дека ќе треба да се урива“, рече Арсовска.

    Професорот Марковски за САКАМДАКАЖАМ.МК кусо изјави дека во овој момент не сака да дава никакви коментари додека Град Скопје не ја објави експертизата за мостот.

    Спротивно на тврдењата на Арсовска и Гаревски и проектантот на мостот Вукан Њагуљ изјави дека оштетувањата се сериозни и потребни се детални испитувања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира