Куќите од 17. и 18. век во штипско Ново Село, што пред една деценија ги купи д-рЖан Митрев, а потоа ги подари на Општина Штип, ќе се обноват во стариот архитектонски стил со помош на Европскиот проект за меѓугранична соработка. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека овој проект веќе е во рамките на ИПАРД програмата на ЕУ за погранична соработка, во случајов со Бугарија, и е во сферата на туризмот, па првите куќи кои ќе се градат и реставрираат ќе бидат за сместување.
„Станува збор за старите куќи што доктор Жан Митрев ги купи пред десет години, но откако неколку години не успеа да ги добие потребните дозволи за нивна санација ги подари на Општина Штип. При крајот на 2019 старите и дотраени куќи се срушија“, вели Јорданов.
Со години, овие стари, но мошне значајни куќи Ново Село беа под заштита на државата, но таа ниту вршеше заштита, ниту даваше одобренија на сопствениците да ги реставрираат. Дури деновиве, градоначалникот Јорданов кој живее во Ново Село, најави дека овие и повеќе други куќи се влезени во овој меѓународен проект и се планира со нивната реставрација да се задржи стариот архитектонски стил од 17. и 18. век.
Тоа е третиот меѓународен проект од оваа програма. Првиот е изградбата на меморијално-културен комплекс именуван по првиот претседател во независна Македонија, Киро Глигоров, вториот е неодамна започнатиот проект за изградба на три паркови во Штип, а третиот е за развој на туризмот во Ново Село.
Т. ЈОВАНОВСКИ