Пожарникарите од Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово ќе добијат професионална противпожарна опрема за лична заштита, но и за поефикасно справување со пожари на отворен простор. Ова е предвидено во проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, што Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион го имплементира во соработка со Асоцијацијата на Југозападни општини од Благоевград – Бугарија. Според најавите, опрема за поголема безбедност и ефикасност треба да добијат вкупно 112 пожарникари од четирите единици.
„За пожарникарите ќе се набави професионална опрема за шумски пожари која вклучува панталони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари“, вели Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, која додаде дека паралелно ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување шумски пожари.
Паралелно, Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион деновиве треба да го потпише договорот за зголемување на капацитетите на институциите задолжени за спречување на пожари и кризи од Програмата за прекугранична соработка со Грција. Станува збор за проект со кој за противпожарните единици во Струмица и Гевгелија ќе се набавуваат противпожарни возила, а Центарот за управување со кризи ќе добие комјутерска опрема за рано откривање пожари на целиот Југоисточен Плански Регион.
„Овој проект ќе го реализираме со Регионот на Централна Македонија од Грција во функција на зајакнување на капацитетите за спречување на шумски пожари од двете страни. Возилата што се планирани ќе бидат теренски за шумски пожари, но ќе одговараат на потребите и за пожари во урбани заедници“, рече Ѓуркова според која, вредноста на двата проекти изнесува приближно половина милион евра.
Според последните истражувања направени од Центарот за граѓански комуникации, четирите Територијални противпожарни единици во Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово располагаат со 30-тина противпожарни возила претежно донирани или отстапени од некој од државните органи. Старосната граница на возилата во просек е 30 години, а во Валандово и Струмица сè уште функционираат возила произведени во 1966.
В. ТРАЈКОВ