Во Штип почна манифестацијата „Пролетни денови на училишен спорт“, наменета за учениците од средните улиишта. Ова е проект на Општината во соработка со Сојузот за училишен спорт, по прогласувањето на Штип за Европски град на спортот за 2024 oд Европската асоцијација на градови на спорт при Европскиот парламент во Брисел.
„Според програмата за оваа манифестација, во трите средни училишта во Штип како единствен град во Македонија, цела пролет што значи до крајот на учебната година, средношколците ќе имаат спортски активности во повеќе спортски дисциплини, кошарка, одбојка и футсал и во женска и во машка конкуренција“, вели Тодор Торов, советник за култура и спорт во Општина Штип.
Зоран Арсов, претседател на Сојузот на училишен спорт, кажа дека се планира училишниот спорт да се прошири и во основните училишта во Штип. Арсов е и професор во Средното училиште „Коле Нехтенин“ во чија училишна сала се одржаа првите натпревари.
Наредните средби и натпревари ќе продолжат во април и мај, кога домаќини ќе бидат останатите средни училишта во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ