СО ГЕРМАНСКИОТ МОДЕЛ НА ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ 8 ОХРИДСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ РАБОТАТ СО ПЛАТЕНА ПРАКСА ВО ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА

    СО ГЕРМАНСКИОТ МОДЕЛ НА ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ 8 ОХРИДСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ РАБОТАТ СО ПЛАТЕНА ПРАКСА ВО ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈАСистемот на дуално образование е еден вид партнерство помеѓу стручните училишта и стопанството, а се изведува во координација на Делегацијата на германското стопанство во Македонија. - Кадарот и учеиците на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Виктор Трајчески, ученик во средното училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид, веќе трета година посетува настава според германскиот модел на дуално стручно образование. На настава оди комбинирано, следејќи ги содржините кои се предаваат на училиште, а практичната обука во компанијата „Костал“ ја посетува заедно со уште 7 ученици.

    Со организиран превоз од „Костал“ три дена во неделата се дел од целиот работен процес, каде се вклучени во сите оддели на производство. Започнуваат од 8 часот, а поради ковид-ситуацијата ги почитуваат и сите протоколи за здравствена заштита. Дополнително им е обезбедена и опрема за заштита при работа. Денот, како што вели Трајчески, им поминува интересно бидејќи учат предмети кои ги сакаат, електроника, машинство и автоматика. Покрај практичните знаења и работното искуство за практиката добиваат и паричен надомест.

    По завршувањето на средното образование сите тие ќе имаат прилика да бидат идните стручни кадри во компанијата.

    „Токму тоа што со ваков начин на образование се нуди сигурна работа е придобивка за нас како млади. Се стекнуваме со стручна пракса и многу лесно по завршувањето на средното образование ќе бидеме спремни директно да одговориме на предизвиците и да се вклучиме во производството на самите компании. Со ваков пристап сметам дека младите ќе се задржат во државата, бидејќи со самото тоа што ќе се вработат им се нуди сигурна иднина“, вели Виктор.

    Компанијата „Костал“ моментално обезбедува дуално образование за 20 ученици. (Фото: СДК.МК)

    Со дуалното образование се очекува да се надмине и проблемот од недостиг на средно стручен кадар со кој се со години соочуваат компаниите. Во германската „Костал“, компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија, најмногу се бараат електро-машински техничари како профили од средно стручното образование.

    „Дуалното образование помага во надминувањето на проблемот со кадар во фирмите од автомобилската индустрија, меѓутоа бара далеку поголем ангажман и од страна на средно-стручните училишни центри и од работодавачите и воопшто од пошироката заедница во насока на популаризација на таквиот вид на образование, креирање на флексибилни училишни програми кои што во целост ќе ги задоволуваат потребите на работодавачите, но, притоа неоставајќи ги учениците ‘боси’ по некои други предмети кои се учат во теоретскиот дел на наставата. Целокупното размислување во општеството мора да се промени. Не треба да му се каже на детето учи за да не бидеш мајстор, или фризер или собирач на ѓубре. Ние самите ги тераме децата да се запишуваат на факултети, а после да работат во бурегџилници или продавачи. Општеството има потреба и од средно стручни профили од електро и машинска струка.Со вакво образование децата имаат иднина“, вели Виктор Дојчиновски, менаџер за човечки ресурси во „Костал“.

    Оваа компанија моментално обезбедува дуално образование за 20 ученици. Оттаму најавуваат амбициозни планови за нивната иднина. Моменталната бројка од 780 вработени до крајот на 2020 планирано е да ја зголемат со нови 120 вработени. За следната најавуваат 1.040 вработени. Секако, велат, голем дел од новите кадри ќе бидат учениците кои се стекнале со вештини и стручност токму преку дуалното образование.

    Во германската „Костал“, компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија, најмногу се бараат електро-машински техничари како профили од средно стручното образование. (Фото: СДК.МК)

    Охрид е една од првите општини во која, од учебната 2018/2019 , се воведе новиот четиригодишен образовен профил техничар за индустриска мехатроника, кој е развиен според германскиот модел на дуално стручно образование. Моментално има и профил – техничар за производно машинство.

    Директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Сашо Недески вели дека интересот кај учениците за дуално образование е голем, но бројот зависи од побарувачката на самата компанија.

    „Со дуалното образование ние како образовна установа вадиме продуктивни работни кадри, а во исто време и самата компанија би имала корист од самите ученици кои ќе бидат обучени за работа. Учениците се обучувани од сертифицирани ментори. Акцентот е ставен на практичната настава, со повеќе стручни предмет во образовниот процес. Од друга страна дуалното образование ќе го зголеми и интересот за упис во средните стручни училишта“, вели Недески.

    Системот на дуално образование е еден вид партнерство помеѓу стручните училишта и стопанството а се изведува во координација со Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Целта е да се олесни патот до вработувањето на младите што завршуваат средно стручно образование. ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“  Охрид моментално соработува со компаниите „Костал“, „ЛТХ – Лерница“ и „ОДВ- Електрик“ каде идните кадри од овој образовен центар ќе можат професионално да се реализираат и усовршуваат.

    Германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК објавено на 15 септември изјави дека „тоа што ги лимитира потенцијалните инвеститориод Германија е достапноста на квалификувана работна сила и во тој поглед Германија го разви многу успешниот таканаречен модел на дуално професионално образование кој стана „извозен хит“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира