СО ГУСТ ЧАД ОСУМ ЧАСА ГОРЕШЕ ОТПАД ЗА КОЛИ ВО КУМАНОВО, НE СЕ ЗНАЕ КОЛКАВО Е ЗАГАДУВАЊЕТО ОТИ НЕ РАБОТИ МЕРНАТА СТАНИЦА

    СО ГУСТ ЧАД ОСУМ ЧАСА ГОРЕШЕ ОТПАД ЗА КОЛИ ВО КУМАНОВО, НE СЕ ЗНАЕ КОЛКАВО Е ЗАГАДУВАЊЕТО ОТИ НЕ РАБОТИ МЕРНАТА СТАНИЦАНа отпадот пред десетина дена му истекла лиценцата за работа, гореа зафатени стари автомобили, седишта, пластика, гуми и други делови. (Фото: СДК.МК)

    Во голем пожар синоќа изгоре отпад за откуп на стари автомобили, гуми, резервни делови и други предмети, кој се наоѓа на улицата Индустриска во Куманово. Повеќе од осум часа пожарникарите од Територијалната пожарна единица (ТППЕ) од Куманово го гаснеа пожарот, поточно од 18 часот до 2 часот по полноќ, а од утринава догорува и уште чади на одредени делови на отпадот.

    Од пожарот, црн густ чад го обвитка градот и до доцна во ноќта се чувствуваше непријатна миризба од загадениот воздух, кој ги печеше очите и грлото. Граѓаните реагираат дека уште една еколошка катастрофа им го загрозува здравјето, но сајтот на Министертвото за животна средина не можеа да проверат колкаво е загадувањето затоа што не работи мерната станица за квалитет на воздухот, која се наоѓа во дворот на Кумановската болница.

    „Станицата не работи од викендот што помина, настана некој проблем најверојатно предизвикан од струјата. Мајсторот кој ги сервисира е на одмор, се враќа утре и веќе има налог да отиде на терен. За вчера немаме податоци колкаво било загадувањето во Куманово“, ни рекоа од Информативниот центар за мониторинг на воздухот во Министерството за животна средина.

    Увид во опожарениот отпад утринава извршиле од Државниот инспекторат за заштита за животна средина (ДИЗС), при што утврдиле дека пред десетина дена му истекла лиценцата за работа.

    „Од страна на Државниот инспекторат направен е надзор врз субјектот ‘Отпад Манто’, во кој вчера попладнето имаше пожар, при што државен инспектор врз основа на вонреден налог излезе на лице место и ја констатираше фактичката состојба. Побарана е комплетната документација по што ќе следува решение согласно Законот за управување со отпад. Субјектот во моментот не поседува дозвола за управување со отпад по што веднаш му е издадена наредба за забрана на вршење на дејноста и ќе следува прекршочна казна. Државниот инспекторат е во постојана комуникација со сите надлежни органи“, вели директорката Ивана Гиновска.

    Според МВР, пожарот на улицата Индустриска прво настанал на нива со сува трева, а потоа се проширил и зафатил магацин за резервни авто делови на отпадот.

    Пожарникарите кажуваат дека по пријавата веднаш излегле на терен со три возила и 10 пожарникари и не дозволиле пожарот да се прошири на соседните објекти, меѓутоа тешко се гаснело местото каде што биле зафатени стари автомобили, седишта, пластика, гуми и други делови, бидејќи се развил голем оган со висока температура и густ чад. Подоцна побарале засилување од дополнителни возила и пожарникари, а напомош стигнеле и цистерни со вода од ЈП „Чистота и зеленило“.

    „На плацот за отпад ‘Манта’ опожарен е поголем објект за резервни делови и ниска вегетација. Интервенирано е од 17:55 часот со 5 противпожерни возила и 13 пожарникари, пожарот е локализиран во 02.05 часот. Причина за пожарот како и матeријалната штета дополнително ќе се утврдува од надлежните“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Во текот на вчерашниот ден имаше уште неколку пожари на отворено во центарот на градот, па чадот и смрдеата станаа редовна појава во текот на летото. Најголем дел од пожарите на отворено се предизвикани намерно од луѓето, велат пожарникарите и апелираат до граѓаните да бидат внимателни.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира