Со изградбата на современа регионална депонија за Пелагонискиот и Југозападниот Плански Регион во Општина Новаци ќе се затворат охридска депонија Буково, струшката депонија, како и сите останати депонии во двата региона, со што ќе се реши деценискиот проблем со загадувањето на животната средина за кој со години негодуваат еколошките организации и граѓаните, а критики има и од УНЕСКО. Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија, која треба да започне со градба оваа година, предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.
„Во Општина Новаци ќе има седиште на Јавното меѓуопштинско претпријатие за управување со сметот. Ова е многу значајно и за стружани и за охриѓани, но и за сите граѓани од овие два региона. Со години го очекувавме ова и овие диви депонии засекогаш да се затворат и да не бидат повеќе секојдневие на критики од граѓаните и невладините. Во контејнери од 40 метри кубни сметот од Струга ќе се пренесува во новата депонија“, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Регионалната депонија ќе се гради со средства обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Иако рокот кој го даде УНЕСКО за затворање на депонијата Буково беше до крајот на 2020, досега ниту државата ниту општините во Охридскиот Регион не изнајдоа решение за изградба на Регионална депонија која е потребна како за зачувување на статусот на единственото заштитено светско природно и културно наследство во земјата, така и за подобрување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.
„Решавањето на депонијата Буково за нас, охриѓани и за Охридскиот Регион има големо значење. Со реализација на регионалната депонија, конечно ќе може да кажеме дека депонијата Буково е минато за Охрид. Сведоци бевме дека во минатото депонијата постојано се палеше, а со тоа се чувствуваше неподнослива миризба и чад во одредени делови на градот и охридската околина. Депонијата Буково има влијанија врз квалитетот на воздухот, поради емисиите на диоксини и фурани, кои се канцерогени. Депонијата е лоцирана во сливот на Коселска Река и поради тоа може да има влијанија и на површинските води и посредно на водите на Охридското Езеро. Покрај еколошките придобивки што ќе ги има Охридскиот Регион, со реализацијата на регионалната депонија се решава и една крупна забелешка од УНЕСКО која се однесува на Буково. Регионалната депонија е долгорочно решавање со отпадот за Југозападниот и Пелагонискиот Регион“, вели градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Граѓанските активисти со години алармираа за штетноста од депониите на Буково, но и таа во Струга, бараа нивно затворање оти, како што велат, во ек на туристичка сезона активно и интензивно го загадуваат целиот регион.
Минатата година започна и судски процес за дислокација на дивата струшка депонија, по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП) против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.
С. ВРЕНЦОВСКА