Јапонската влада обезбеди 54.000 евра за реновирање на дисперзираниот објект на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово. Преку проектот е инсталирано парно греење, сменети се прозорците и вратите, а поставени се и нови подови.
„Во последните 20 години, Јапонија помогна на 63 училишта во Македонија и нашата поддршка е во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Граѓаните на Јапонија се ваши пријатели и среќни се кога ги гледаат успешно реализираните проекти“, изјави Кеико Ханеда, амбасадорката на Јапонија во Македонија.
Градоначалникот Максим Димитриевски се заблагодари во името на граѓаните на Куманово за личниот ангажман на амбасадорката и потсети дека благодарение на донацијата, старите ќумбиња на дрва во училниците се заменети со радијатори.
„Сакам да се заблагодарам за сите донации на јапонската амбасада, кои помогнаа да се подобрат условите за живот на кумановци. Еден од најзначајните е комплетна финансиска поддршка на проектот за изградба на коритото на реката Липковка. Се надевам дека во наредниот период ќе реализираме уште многу проекти со помош на јапонскиот народ“, изјави Димитриевски.
Директорката Марина Манојловска потсети на значењето на донацијата за подобрување на условите во училиштето, во кое настава следат 350 ученици од две училишта.
С. НИКОЛИЌ