Со прегратка и со изведба на јапонски танц, учениците од најголемото основно училиште во Битола „Климент Охридски“ ѝ се заблагодарија на јапонската амбасадорка во земјава Кеико Ханеда за грантот од 50.000 евра, со кој беше реновирана дограмата во школото. Од 1996 досега, преку јапонската амбасада се реализирани 66 проекти во образовните установи во земјава, во што се вложени 6.690.667 евра.
„Соработката со Јапонија има за цел да им помогне на граѓаните да го подобрат квалитетот на животот. Народот на Јапонија, како ваш пријател, е среќен кога ги гледа насмевките на учениците. Нашите две земји прославуваат 25 години дипломатски односи и планирани се многу настани. Јапонската соработка со Битола има долга историја. Битола е првиот добитник на гранд програмата ‘Џиџипи’ за мали проекти уште во 1998 година, кога болницата ја доби јапонската донаторска програма за медицинска опрема“, рече Ханеда.
Директорката на ОУ „Климент Охридски“ Гордана Анастасова кажа дека е променета внатрешната дограма во сите училници и наставнички кабинети, со што се подобрени условите за реализирање на наставата, а постигната е и голема енергетска заштеда. Во ова училиште настава следат 956 ученици.
Пред повеќе од два месеци, Јапонија даде грант од 54.325 евра за реновирање на ОУ„Браќа Миладиновци“ во пелагониското село Добрушево, кое подолго време се соочуваше со влага.
Ж. ЗДРАВКОВСКА