Со комбиња се носат кучиња од други градови во Скопје и доцна навечер се пуштаат на улиците, велат од Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“ и кажуваат дека секојдневно добиваат пораки и повици од граѓани кои пријавуваат дека низ населбите се носат глутници кучиња.
„Повторно укажуваме дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња на одредени локации, локации каде имаме прецизен увид на постоечката популација на улица која е стерилизирана, и повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња. Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец. За ова сведочат и дел од граѓаните“, велат од „Лајка“.
Апелираат ако се видат активности од ваков тип, дислокација на кучиња, по можност да се документираат со фотографии, пријават или им се обратат за помош. Неопходно е и институциите и Општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување, велат од „Лајка“.
„Не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно наидуваме на нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците“, додаваат од „Лајка“.
Според податоците на претпријатието, на улиците низ Скопје има меѓу 6.000 и 10.000 кучиња скитници. Директорката на „Лајка“ во подкаст на САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека е невозможно да се стават сите кучиња во стационар и дека тоа не го решава проблемот, бидејќи повторно поради неодговорно сопствеништво легла ќе завршат на улица. и сè додека нема строги казни нема да се реши проблемот.
А. АНТЕВСКА