СО ЛИТУРГИЈА ВО ОХРИД ЦРКВАТА НА ВРАНИШКОВСКИ ПРИПОЕНА КОН МПЦ-ОА, СИНОДОТ ЌЕ ЈА ПОТВРДИ ОДЛУКАТА НА 20 ЈУНИ

    СО ЛИТУРГИЈА ВО ОХРИД ЦРКВАТА НА ВРАНИШКОВСКИ ПРИПОЕНА КОН МПЦ-ОА, СИНОДОТ ЌЕ ЈА ПОТВРДИ ОДЛУКАТА НА 20 ЈУНИСинодот на МПЦ-ОА го одликува српскиот партијарх Порфириј со орден „Свети Кимент Охридски“ од прв ред. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со света архиерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид, денеска беше припоена црквата на Јован Вранишковски Православна Охридска Архиепископија (ПОА) со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Литургијата се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) од српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски Г. г. Стефан, со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. Со литургијата чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА Стефан и на СПЦ Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви.

    Заедничката литургија следи откако на 25 април во Скопје, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј соопшти дека е започнат процес на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА. Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА. Во изминатиот период двете цркви ја усогласуваа поделбата на епархиите. За припојувањето Тимотеј денеска во кратка изјава за медиумите кажа дека ќе следи официјална потврда на седница на Синодот која ќе се одржи на 20 овој месец.

    „Ќе има синодска седница и тоа официјално ќе го објавиме. Има одлука ама не е верификувана. Со службата се потврдува припојувањето, но треба официјално да се потврди на седница во полн состав на Светиот архиерејски синод, која ќе се случи на 20-ти овој месец“, рече Тимотеј.

    Синодот на МПЦ-ОА го одликува српскиот партијарх со орден „Свети Кимент Охридски“ од прв ред, а Порфириј кажа дека „Св. Софија“ српски патријарх служел и пред 100 години.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира