СО МЕРКИ ЗА РЕД СЕ ОПЕВААТ МРТВИТЕ ВО ЦРКВИТЕ ВО БИТОЛА, ГРОБИШТАТА ЗАТВОРЕНИ 

    СО МЕРКИ ЗА РЕД СЕ ОПЕВААТ МРТВИТЕ ВО ЦРКВИТЕ ВО БИТОЛА, ГРОБИШТАТА ЗАТВОРЕНИ Во дел од храмовите беа поставени редари, кои ги упатуваа присутните на кое место да застанат и да ги постават пченицата, виното и лебот, притоа запазувајќи да има дистанца од еден до друг по метар и пол до два; - Црквата „Свети Димитрија“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во црквите во Битола денеска се вршеше опевање на мртвите за Задушница, но се спроведуваа и мерки за ред и заштита на верниците од коронавирус. Во дел од храмовите беа поставени редари, кои ги упатуваа присутните на кое место да застанат и да ги постават пченицата, виното и лебот, притоа запазувајќи да има дистанца од еден до друг по метар и пол до два.

    Во црквите имаше повеќе свештеници, па за обредот не се чекаше долго. Воедно и верниците беа со маски, ретки беа оние што ги туркаа за да целиваат икони. Повеќето оставаа пари пред иконите и се прекрстуваа. Ред имаше и при палењето свеќите, зашто и самите верници внимаваа да се на одредена дистанца.

    Полицијата од рано утрово ги обезбедува приодите до Светонеделските и Буковските гробишта во Битола, не дозволувајќи им на верниците да вршат опевање по гробните места или посета по обредот во цркавата.

    Во тек е тридневен полициски час за продолжениот викенд, целосен во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а делумен, секој ден од 16 до 5 часот, во остатокот од земјата, со забрана за одење на гробишта на целата територија на земјата.

    Изминатите години, за Задушница и Духовден во повеќето храмови во Битола имаше голема посетеност од верниците и метеж, а на патот до гробиштата редовно интервенираше и полицијата за да воспостави ред.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира