СО НЕПОДМИРЕН ДОЛГ ОД 9,4 МИЛИОНИ ЕВРА ОПШТИНА ТЕТОВО Е НАЈЗАДОЛЖЕНА ОПШТИНА ВО ЗЕМЈАВА

    СО НЕПОДМИРЕН ДОЛГ ОД 9,4 МИЛИОНИ ЕВРА ОПШТИНА ТЕТОВО Е НАЈЗАДОЛЖЕНА ОПШТИНА ВО ЗЕМЈАВАОд Општина Тетово потврдуваат дека нивната жиро-сметка може понекогаш да е блокирана. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово е најзадолжена општина во државата. Во истражувачката сторија во рамките на проектот „Заедно во борба против корупцијата“, кој е финансиран и поддржан од Делегацијата на Европската Унија, се посочува дека Тетово, заедно со општините Охрид и Карпош се во врвот на најзадолжени општини. Ова се потврдува со најновата должничка листа што ја објавува Министерството за финансии, каде стои дека заклучно со третиот квартал од 2020, долгот на Општина Тетово во септември 2020 изнесувал 9,4 милиони евра.

    Од Општина Тетово потврдуваат дека нивната жиро-сметка може понекогаш да е блокирана но, како што велат, тоа најчесто трае краток период и со приливот на финансиски средства таа веднаш се одблокира.

    Исто така може да се види дека за три месеци, односно од јуни до септември, Општината се задолжила за 1,4 милиони евра. На второ место по задолженост е општина Охрид, со долг од 6,7 милиони евра, а Општина Карпош има задолжувања од 5,2 милиони евра.

    Но, и кај повеќето општини во државава состојбата не е ништо подобра.

    „Дури 70 од вкупно 80 општини во земјава пријавиле доспеани, а неплатени обврски по различни основи. Ова значи дека 87,5% од сите општини во земјава се соочуваат со финансиски проблеми за редовно сервисирање на обврските. Во третиот квартал од годинава доспеаните, а неплатени обврски на сите општини во земјава изнесуваа 63.892.100 евра. Споредбена анализа во однос на состојбата со вториот квартал покажува раст на неплатените обврски за 13 милиони евра“, се вели во истражувањето.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира