Јавната установа Национален парк „Галичица“ изработи посебен план за управување со комплексот на изворите Свети Наум, со кој за првпат ќе се врши инвенторизација на биодиверзитетот и еко системот на изворите кои се строго заштитена зона и ретка природна убавина. Со проектот, кој е финансиран од УНЕСКО, ќе се добијат нови релевантни податоци за состојбата на природното наследство на овој исклучително важен локалитет, но и план за негова поголема заштита.
„Јавната установа пристапи кон изработка на посебен план за управување со овој комплекс. Тоа е новина и нешто непознато за заштитените подрачја на територијата на државата. Со сопствени ресурси и активно учество на вработените изработена е работна верзија на овој посебен план и резултатите кои што ќе се добијат од овој проект ќе овозможат поголем квалитет, ефикасност во однос на зачувување и управување со ова подрачје“ вели Сања Рилкоска, раководителка на Одделението за правни работи во „Галичица“ и членка на Комисијата за светско наследство.
Изворите на Свети Наум се едно од најмистичните и најубавите места, а самиот локалитетот е богат со ендемична флора и фауна. Информациите добиени од истражувањата и пописот на водната флора и фауна на изворите во рамките на овој проект се согласно меѓународно прифатена методологија. Исто така, со проектот предвидено е да се развијат еколошко- едукативни пакети кои ќе се користат во Свети Наум за едуцирање на различни целни групи за вредноста на самото место и биолошките, еколошките и културолошките карактеристики.
„Ќе се добие еден навистина квалитетен документ кој би бил пример за тоа како може одредени значителни подрачја во рамките на заштитените подрачја посебно да се управуваат, посебно да се третираат и со тоа заштитата да се подигне на едно повисоко ниво“, додава Рилкоска.
Изворите кај Свети Наум наликуваат на мало езерце со течение на водата во форма на река. Должината изнесува 700 метри со максимална длабочина од 3,5 метри. Има 15 крајбрежни извори и 30 поголеми подводни извори.
С. ВРЕНЦОВСКА