СО ПОТРОШЕНИ 11,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТЕНДЕРИ ОПШТИНА ГАЗИ БАБА Е НА ПРВО МЕСТО, ГРАД СКОПЈЕ ТРОШИ НАЈМАЛКУ ПО ЖИТЕЛ ОД СИТЕ ОПШТИНИ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГК

    СО ПОТРОШЕНИ 11,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТЕНДЕРИ ОПШТИНА ГАЗИ БАБА Е НА ПРВО МЕСТО, ГРАД СКОПЈЕ ТРОШИ НАЈМАЛКУ ПО ЖИТЕЛ ОД СИТЕ ОПШТИНИ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГКЛани 80-те Општини и Градот Скопје склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 190 милиони евра, а една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. (Фото: СДК.МК)

    Општина Гази Баба во 2024 година склучила договори за јавни набавки со најголема вредност. Вредноста на тендерите во Општина Гази Баба е 11,7 милиони евра и со тоа повеќе на прво место не е Градот Скопје, кој е најголема единица на локална самоуправа и со најголем буџет. Истражувањето за спроведените тендери од Општините во 2024 година направено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува и дека Град Скопје има потрошено 14 евра по жител, што е најмалку пари од сите Општини.

    Лани, 80-те Општини и Градот Скопје склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари или 190 милиони евра. На второ место по потрошени пари на јавни набавки се наоѓа Општина Битола со 11,4 милиони, а треторангирана е Општина Аеродром со 10 милиони евра. Следува Општина Штип со 8,7 милиони евра. На средина од табелата е Општина Струмица со 7,8 милиони евра. По неа на шесто место следува Градот Скопје со 7,3 милиони евра. Општина Кисела Вода e следно рангирана и има јавни набавки од 6,7 милиони евра. Следуваат Општините Кавадарци и Куманово со набавки вредни околу 5,9 милиони евра, а десетта на листата е Општина Охрид со вредност на јавните набавки во 2024 од 5,2 милиони евра.

    Податоците за јавните набавки на Oпштините произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на Oпштините во 2024 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 4.006 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те Oпштини, објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.

    Во 2024, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра. Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските Општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода. Град Скопје за првпат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.

    Извештајот покажува дека Општините склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е Енерџи деливери солушнс“ за трговија со струја, со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра.

    Општините трошат на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети. Најголема вредност на набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра. Вредноста на јавните набавки на Град Скопје во 2024 година е намалена за 2,5 пати, додека набавките се зголемени во дури 52 Општини“, покажува истражувањето на ЦГК за јавните набавки на Општините во 2024 година.

    Намалување на вредноста на набавките во 2024 во однос на 2023 година има кај вкупно 29 Општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат Општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра. Во 2023 вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра.

    Само 13-те Општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 95 милиони евра, што е половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа. Односно првите 13 Општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 68 општини заедно.

    На јавни набавки просечно се потрошени 28 % од буџетите на Општините, скоро идентично како и претходната година.

    Во 2024 година локалните власти склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми, што укажува на мало намалување во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договори во однос на 2023 година, кога договорите биле склучени со 1.245 компании. Анализата на податоците укажува на мал пад на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 25 %, што е за 1 процентен поен помалку од уделите на најголемите 10 добитници во 2023 година.

    Идентично како и во последните две години, листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините и во 2024 година ја предводи Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје, којашто има склучено 42 договори со 38 општини и Градот Скопје, со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8,1 милиони евра. На второ место е компанијата фабрика Карпош“ Скопје со склучени 10 договори во вредност од 360 милиони денари, односно околу 5,9 милиони евра. Станува збор за договори склучени за санација на улици, изградба на фискултурна сала, детска градинка и сл. На трето место е Џови компани“ од Ново Село. Со оваа фирма Општините склучиле вкупно 10 договори во вредност од 336 милиони денари или 5,5 милиони евра. Седум од договорите ги склучила фирмата ги склучила со Општина Босилово и три со Општина Струмица.

    Кога станува збор за поединечните договори, најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2024 година е оној на Општина Струмица со Џови компани“ во вредност од 279 милиони денари, односно 4,5 милиони евра, за изградба на нов градски пазар. Вториот тендер по големина во 2024 година е склучен од Град Скопје, и тоа во вредност од 200 милиони денари (3,3 милиони евра) за набавка на електрична енергија со фирмата Енерџи Деливери Солушнс. Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Аеродром, склучен со фирмата Друштво за градежништво и трговија Жикол“ за набавката за доградба на школото „Блаже Конески“, во вредност од 197 милиони денари, односно 3,2 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира