Вандали со прегорено масло синоќа го испрскале подрачното основно училиште „Кочо Рацин“ во село Беранци, Општина Могила. Оштетени се фасадата, влезната врата и влезните скали од училиштето направено пред неколку години.
Од Општина Могила изјавија дека случајот е пријавен во СВР Битола, од каде очекуваат да се откријат сторителите. Синоќа во исто време била оштетена и урбана опрема во паркот во село Могила. Жителите на Могила велат дека е потребно поголемо присуство на полицијата на терен, за да не доаѓа до вакви настани.
Општината изгради и ново монтажно училиште во село Ношпал, каде токму денеска се става нова врата, па од локалната власт прашуваат на кого му пречи развојот на општината и изградбата на училиштата во селските средини.
Ова не е првпат вандали да дивеат низ Могила. Во изминатиот период, непознати лица во неколку наврати потпалуваа штали, бали и добиточна храна и уништуваа ниви. За десет месеци изгореа околу 5.000 бали сено, слама и луцерка и над 1.000 килограми собран тутун, a земјоделски производи се уништени и по нивите. Беа запалени шталата и плевната на лице вработено во спортската сала во Могила, сламата во сопственост на Општина Могила наменета за пелети за загревање на општинската зграда и на школото во Беранци, сеното и сламата во сопственост на семејството на градоначалничката, а беа уништени и ниви со тутун на советник од Општината и на лице вработено на стадионот. Досега, јавноста не е информирана дека се откриени пироманите и уништувачите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА