СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА СТРУГА ЌЕ НЕМА ПРОБЛЕМ ЗА ВОДА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“

    СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА СТРУГА ЌЕ НЕМА ПРОБЛЕМ ЗА ВОДА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“Општината инвестира 400 илјади, а уште 200 илјади евра ќе се трошат за зафатите со кои ќе се обезбедува вода во руралните средини. (Фото: СДК.МК)

    Со реконструкција на водоводната мрежа, замена на азбестните цевки со нови, Струга го реши проблемот со водоснабдувањето кој години за време на туристичката сезона беше главен проблем на жителите.

    „За да сме целосно покриени со вода, во текот на летото ќе се реализира уште еден проект со кој ќе бидат опфатени селата кои се жалеа последниве денови дека остануваат без вода, да се постави посебна цевка за да тие се снабдуваат со вода. Со тоа се надеваме дека цело лето ќе поминеме без проблем“, вели директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Дашмир Насуфи.

    Насуфи рече дека проблемите во руралните средини се поради старата инфраструктура, но со навремена интервенција се санира секој еден дефект.

    „Цевките и да се нови може да настане дефект и да има потреба да се исклучува, а тоа никогаш не го правиме без да пријавиме претходно, без да ги известиме граѓаните во кој период ќе немаат вода поради работите кои ќе се извршуваат на терен“, вели Насуфи и најави зачестени контроли за да се спречат честите злоупотреби на водата од граѓаните.

    Градоначалникот Рамиз Мерко пред почетокот на реализацијата на овој проект кажа дека почетната инвестиција е во вредност од 400 илјади евра обезбедени од Општината, а дополнителни 200 илјади евра ќе се трошат за зафатите со кои ќе се обезбедува вода во руралните средини. Целосното обновување на пумпната станица во Шум ќе биде финансирано од Министерство за транспорт и врски.

    „Новата пумпна станица ќе троши помалку струја, а ќе исфрла повеќе вода. Исто така, изворите кои се во близина, а кои досега служеа за наводнување на земјоделски површини ќе бидат ставени во функција за водоснабдување“, кажа Мерко.

    Мерко смета дека Струга со приклучокот на новиот цевковод ќе нема повеќе проблеми со водоснабдувањето а стружани ќе добијат квалитетна и технички исправна вода.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира