СО СЛУЖБЕНИ КОЛИ НА БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ СЕ ПРЕНЕСУВАЛ МЕБЕЛ, РЕЧЕ ИЛИЕВСКА НА СЕДНИЦАТА НА КОЈА СЕ РАЗРЕШЕНИ УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ ОДБОРИ НА 5 ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ЗАГУБА ОД 2,4 МИЛИОНИ ЕВРА

    СО СЛУЖБЕНИ КОЛИ НА БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ СЕ ПРЕНЕСУВАЛ МЕБЕЛ, РЕЧЕ ИЛИЕВСКА НА СЕДНИЦАТА НА КОЈА СЕ РАЗРЕШЕНИ УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ ОДБОРИ НА 5 ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ЗАГУБА ОД 2,4 МИЛИОНИ ЕВРАИлиевска на седницата покажа фотографии како со службените возила на битолски „Водовод“ после работното време се превезувале кревети и фотелји. (Фото: СДК.МК)

    На маратонската седница на Советот на Општина Битола синоќа беа разрешени  Управните и Надзорните одбори на петте јавни претпријатија кои 2024 година ја завршија со загуби од 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Предлогот за разрешување го даде Петар Николовски од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „против“, а другите советници „за“ и со тоа беа  разрешени  раководните тела во „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“, „Пазари“ и „Паркинзи“.

    Со службени возила на битолски „Водовод“ се пренесувал мебел, рече Илиевска на синоќешната дискусија за завршните сметки на јавните претпријатија. Илиевска покажа фотографии како со  службените возила после работното време се превезувале кревети и фотелји.

    „Не знам дали е во време на сегашниот или на друг славен директор. Да ме поштедите од одговор дека се службени работи, зашто сликано е вон работно време“, рече Илиевска.

    Бојан Бојкоски, координаторот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, рече да ги доставил овие податоци до претпријатието за да може сегашниот директор да испита дали е точно и да се казни ако некој погрешил.

    За претседателката на Советот Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива Поинаку, долот на јавните претпријатија е е стечај на Битола, а градоначалникот Тони Коњановвски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека градот е во инфраструктурен раст.

    „Зошто вие градоначалник на ‘Нискоградба‘ ѝ дадовте скоро 40 проценти помалку работа? Свесно го пропаѓавте? Зошто ѝ дадовте проект на приватна фирма од Демир Хисар, наместо на јавното претпријатие? Тоа беше последното претпријатие кое се одржуваше во живот и беше позитивно минатата година“, рече Илиевска.

    Коњановски на говорницата настапи со графикони велејќи дека се работи подомаќински сега отколку во претходниот мандат 2017-2021 година. Рече дека за три до четири пати се намалени трошоците за репрезентации и спонзорства, обемот на работа е зголемен, намален е бројот на вработени и немаат нови кредитни задолжувања. Го вратиле кредитот затекнат во „Комуналец“, а загубите во „Водовод“ се должат на непотребната инвестиција во нов објект.

    „Деновиве, од страна на некои политички субјекти е популарно да се зборува дека Битола е во стечај. Но, тука сум да ве уверам дека Битола е во вистински инфраструктурен раст, за што потврда се бројните инфраструктурни, капитални и други проекти, во чија реализација се вклучени токму јавните претпријатија“, рече Коњановски.

    На Илиевска ѝ возврати дека поставувала прашања како обвинител и дека претпријатијата даваат услуги кои се во границите на нивните можности. За споредбите со времето на владеење на СДСМ, советничката Жаклина Наумовска му реплицираше: „Да се чуди човек и да се крсти, цело време критикувате што сме правеле ние, а никако да се преиспитате што правите вие“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира