СО СОСЛУШУВАЊЕ НА ВЕШТАЦИТЕ ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА

    СО СОСЛУШУВАЊЕ НА ВЕШТАЦИТЕ ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБАСледното рочише е закажано за 2 октомври, кога ќе бидат изведени писмени докази на обвинителство и на одбраната, како и сведоците на одбраната. (Фото: СДК.МК)

    Со сослушување на вешти лица од областа на градежништвото и економско-финсиското работење во Основниот суд Куманово продолжи судењето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени.

    Вештите лица ги повторија своите наоди и мислење врз основа на кои е поднесен обвинителниот предлог против обвинетиот Димитриевски, дека тој не го почитувал законот и предизвикал штета на приватните фирми.

    „И едното и другото вешто лице потврдија дека со своите постапки во делот на градежништвото градоначалникот го прекршил законот за градење, со тоа што не издал навремено пресметка за надомест за изградба на земјиште, додека во економскиот дел колкава е висината на претрпена штета на двете оштетени правни лица. Одбраната се обидуваше висината на штетата да ја намали, некои трошоци сака да ги претстави како нужни трошоци, меѓутоа тоа е просто невозможно, со тоа правната квалификација нема да се промени, само ставот од истиот член. Во меѓувреме градоначалникот ја потпишал дозволата за градба, но тоа не ја намалува вината, бидејќи не постапил во рамките на своите овластувања и надлежности дадени со законот за градење и со тоа ја предизвикал штетата“, кажа адвокатот на бизнисмените Виктор Божиновски.

    Фирмите „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“, бараат оштета од 3,3 милиони денари, средства кои ги потрошиле за документацијата која е неопходна за добивање на дозвола за градба, како и за 4 договори и уплати на три фирми за отпочнување на работите на терен како подготовка за градежните активности. Со тоа што градоначалникот не им ја потпишал дозволата во предвидениот законски рок туку после 1 година тие претрпеле штета, која бараат сега да им се надомести.

    Одбраната повеќе од 2 часа поставуваше вкрстени прашања на вештите лица, по што кажа дека не ги прифаќа нивните наоди и мислења, затоа што ги смета за необјективни и пристрасни, и дека усното произнесување е контрадикторно со писмениот наоди и мислење. Адвокатите рекоа дека вештачењето е изработено врз основа на селективни докази, без присуство на одбраната. Затоа побараа од судот да не ги прифати презентираните наоди, бидејќи немаат доказна вредност.

    Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик.

    Димитриевски тогаш кажа дека обвинението е монтирано со цел да му се наруши угледот и да се дискредитира пред изборите. Бизнисмените го повикаа да не изигрува „жртва“ туку да го почитува законот и одлуките на надлежните институции и на повисоките судови.

    Следното рочише е закажано за 2 октомври, кога ќе бидат изведени писмени докази на обвинителство и на одбраната, како и сведоците на одбраната.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира