Три пати неделно по 4 часа поминува 28-годишната Бранкица Размоска од Вевчани врзана на апарати за дијализа во Специјализирана болница за Нефрологија – Струга.
Вака цели 12 години живее младата вевчанка која поради откажувањето на функцијата на бубрегот машините за прочистување на крвта ја одржуваат во живот. Пред 1o години за миг ја почувствувала радоста на нормален живот. Направената трансплантацијата била неуспешна оти бубрегот на нејзината мајка, како сроден донор откажал, по што Бранкица повторно се вратила на живот на дијализа.
Првите денови кога тргнала на дијализа и биле најстрашни.
„На почетокот ми беше многу тешко додека се навикнав и не прифатив дека тоа е мојот живот. Бев во шок, страшно се чувствував. Не знаев што ќе биде, како понатаму, но со текот на времето се навикнав. Десет години одев на дијализа по што направив трансплантација на бубрег кој ми го даде мајка ми но бубрегот ми откажа и повторно ме вратија на дијализа“, раскажува Бранкица.
Таа вели дека животот на машини не е лесен, но благодарение на медицинскиот персонал во Струшка нефрологија успеала психички да ја надмине состојбата во која се наоѓа и полесно да поминува низ животот кој, како што вели, бара многу откажувања.
„И покрај сите работи што е тешко, психички многу тешко, вработените тука во струшката болница ни помагаат полесно да ги издржуваме овие денови, тука и болката ја забораваме. Сега сето тоа низ што поминувам за мене е како дел од секојдневието“, вели таа.
„На пациентите со бубрежни болести им е потребна поддршка како од медицинскиот персонал, така и од семејството и општеството за да можат да го надминат прифаќањето на болеста и да продолжат да живеат со неа“, велат медицинските лица кои се грижат за Бранкица.
Бранкица не може да функционира нормално како и останатите млади но вели, со тек на време се навикнуваш, прифаќаш и повеќе не ти смета.
„Не можеш со ваква болест да работиш, кога три пати неделно примаш дијализа не си способен за работа“, додава Бранкица.
Свесна дека коронавирусот е опасен по нејзиниот живот поради нарушеното здравје, вели дека имала среќа што е една од оние кои успешно се избориле со овој смртоносен вирус.
„Го прележав коронавирусот и благодарение на овој прекрасен персонал поминав добро со оглед на тоа што на почетокот ми беше многу тешко, а бев и исплашена од сè што имам слушано, гледано, од сè што знаев дека може да ми се случи, но тука ме охрабрија со нивната посветеност, ангажираност и стручност. После 4-5 дена ми беше многу подобро примав терапија и за среќа се помина добро. Буквално цел персонал се грижеше за мене. Повеќе беше тешко да се издржи психички, да се надмине стравот, отколку симптомите на самата болест“, вели Бранкица, за која персоналот од Специјализирана болница за Нефрологија – Струга претставува нејзино второ семејство.
Над 850 милиони луѓе ширум светот имаат бубрежни заболувања, а 2 милиони луѓе се лекуваат со дијализа или трансплантација. Во Македонија, според статистиката, 1 од 10 возрасни или околу 200.000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување, а 1.600 пациенти се на дијализа и поминуваат по 4 -5 часа на апарати за да живеат во следните 48 часа.
При последната трансплантација на бубрег од младата девојка Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, бубрег за нормален живот доби 28-годишениот Блаже од Кавадарци а другиот беше трансплантиран кај 40-годишен пациент.
С. ВРЕНЦОВСКА