СО УМЕТНИЧКИ ПЕРФОРМАНС НА УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛСКАТА ГОРНА ГИМНАЗИЈА ЗАВРШУВА ДРЖАВНАТА ПРОГРАМА ЗА 80-ГОДИНИ ОД КОДИФИКАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    СО УМЕТНИЧКИ ПЕРФОРМАНС НА УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛСКАТА ГОРНА ГИМНАЗИЈА ЗАВРШУВА ДРЖАВНАТА ПРОГРАМА ЗА 80-ГОДИНИ ОД КОДИФИКАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКВо перформансот учествуваат околу 40 ученици од Гимназијата, менторки се професорките по македонски јазик Симона Петровска и Даниела Петровска, а режисерка е ученичката Веда Мавровска. (Фото: СДК.МК)

    Учениците од Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, позната и какао Горна гимназија, ќе го изведат уметничкиот перформанс „Слово љубве“ како завршна манифестација од Државната програма за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Перформансот ќе биде дел од настаните на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола за одбележување на патрониот празник. Свеченоста ќе се одржи на 4 декември, на сцената на Народниот театар од Битола во 18 часот.

    „Без размислување се одлучивме да ја вклучиме оваа инстутуција во која за првпат во Македонија се слушнал македонски литературен јазик во средното образование, а тоа е Гимназијата која оваа година одбележа и 80-годишнина од основањето и се поклопува со јубилејот на македонскиот јазик“, рече ректорот проф. д-р Игор Неделковски.

    Во перформансот учествуваат околу 40 ученици од Гимназијата, а менторки се професорките по македонски јазик Симона Петровска и Даниела Петровска, која е и заменичка-директор во училиштето.

    „Ќе покажеме дека како Македонци сме дел од една европска заедница на народи, па оттаму и нашите ученици ќе изведат во својот музички дел не само песни на македонски јазик, туку и на англиски. Со тоа ќе ја пратиме пораката дека да се биде Македонец е да се биде граѓанин на светот, што своевремено и Рацин го кажал, а пред него и Мисирков“, рече професорката Даниела Петровска.

    Режисерка на перформансот е ученичката Веда Мавровска.

    „Професорките го направија текстот, а јас го режирав, се вљубив во него, во поезијата, и самите професорки ми беа инспирација да ја поставам претставата. Нивните, моите и идеите на учениците ги споивме во една убава целина која ќе пренесе длабока порака“, рече Мавровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира