Млади фотографи и нивните ментори ја оживеаја историјата на Офицерскиот дом во Битола, користејќи архивски фотографии кои со помош на вештачка интелигенција ги претворија во промотивни видеоматеријали за установата.
На видеото оживеаја членовите на Одборот кои во 1909 година го дале предлогот да се изгради Домот, свадбари од 1940-тите, аптекарката Бранка Филипова како невеста, пајтонџијата Томе Михајловски со семејството, професорот по историја Џоџа со учениците и други. За оваа цел беа искористени фотографии од браќата Милтон и Јанаки Манаки, зачувани во Архивот во Битола.

За изработката на видеото беа искористени фотографии од браќата Милтон и Јанаки Манаки, зачувани во Архивот во Битола. (Фото : Диоген Хаџи-Коста Милевски)
Активностите беа дел од проектот „Офицерски дом – Резонантна меморија на градот Битола“, а младите фотографи ги менторираа креативните продуценти Илија Тирицовски и Бранко Ристовски и фотографот Диоген Хаџи-Коста Милевски.
„Во рамките на работилниците, младите се запознаа со визуелната историја на Офицерскиот дом, процесот на создавање аналогни фотографии, дигиталното архивирање, обновувањето на старите снимки и со можностите за нивна обработка со современи дигитални алатки“, рече Тирицовски.
Во центарот на вниманието на проектот беше Офицерскиот дом како архитектонски бисер на Битола и Македонија. Во видеата е прикажано како изгледал објектот во првите години по изградбата, па сè до 1958 година. Низ материјалите може да се види дека Домот и во минатото бил центар за пречек на видни гости во градот, место за големи прослави, слави и банкети, па дури служел како обележје на градот, пред кое граѓаните и гостите се фотографирале. Како во минатото, така и денес.
„Фотографската архива покажува дека сите промени што му се случиле го менувале многу малку, но значењето останало исто во очите на битолчани. Јас сум од Битола и голем дел од детството го поминав во околината на зградата, а подоцна, како средношколец и студент, организиравме многу настани во околината на Офицерскиот дом и во него. Уште од мали го сфаќавме значењето на објектот“, рече Тирицовски.
Идејата беше да се истакне Офицерскиот дом не само како архитектонско дело, туку и како инспирација, односно дека неговото значење пред 100 години и денес е исто како културен и култен објект на Битола.
„Големиот интерес на младите покажа дека во овој град има насушна потреба од центар каде што идните фотографи ќе се едуцираат“, рече фотографот и ментор Диоген Хаџи-Коста Милевски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а го реализира „ФлатФорм филм“ во соработка со ЦЕРИ Битола, КИЦ Битола и битолското Одделение на Државниот архив.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




