Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски смета дека идните згради во „Алумина“, меѓу кои и две 35-катници, се убави и современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград. Тој смета дека граѓаните го поддржуваат проектот и ‘таа убавина што ќе се гради‘, а Карпош со овие градби ќе стане водечка општина во државата. Рече дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за проектот, а токму тие градат бетонски чудовишта во градат, без зеленило и паркинг, а доказ за тоа е нивната зграда или белата палата.
„Со овој проект се предвидуваат 2.500 паркинг места за резидентите и плус 1.000 паркинзи за останатите жителите на Карпош. Лага е дека ќе има сенка врз бараките оти новите згради се повлечени 35 метри од улицата Прашка и направени се симулации кои покажуваат дека не се загрозува светлината на околните објекти. Тие се запрепастени од квалитетот на проектот, од онаа убавина која многу граѓани ја поддржуваат да се изгради и Карпош повторно ќе биде водечка општина во државата, каде ќе има бизнис кули каде ќе можат луѓето да работат, да живеат. Ќе има и детска градинка која ќе биде подарена на Општината. Бруто развиената површина е 20.000 метри квадратни од вкупно 40.000 метри квадратни односно нашата намера е да се оди во висина за да има повеќе зелена површина“, рече Јакимовски на прес-конференцијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош кажа дека ќе поднесат 4.000 амандмани за буџетот за наредната година, со цел тој да се блокира и да не може Општината да финансира изработка на детални планови за бетонизација на Карпош.
Со Деталниот урбанистички план за „Алумина“ се дозволува изградба на згради со 35 ката. Сопственикот на земјиштето е компанијата „Пуцко петрол“.
Планот во моментов е на јавна анкета, а анкетни листови можат да поднесат само сопствениците на земјиштето.
А. АНТЕВСКА