Владата и Собранието итно да ја спроведат одлуката на Уставниот суд и да се изврши автентично толкување на Изборниот законик во однос на тоа дали се овозможува учество на независните кандидати на претстојните локални избори без собирање потписи, побараа денеска од граѓанската иницијатива „Независни од Карпош“.
Девет граѓански иницијатива цела година водат битка со институциите откако власта и опозицијата лани донесоа измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот на потребни потписи за учество на независните на избори. Уставен суд пред еден месец ја укина оваа измена на Изборниот законик со која партиите сакаат да ги исклучат независните од учество на изборите.
„Барањето за автентично толкување во наше име го поднесе пратеничката на ЛДП Моника Зајкова и истото е доставено до Владата која треба да даде мислење. Бараме сите инволвирани во постапката, членовите на Владата и пратениците во Собранието, да ја завршат во најбрз можен рок промената во Изборниот законик почитувајќи ги сите правни стојалишта изнесени од Уставниот суд, а поврзани со Одлука за укинување на противуставните измени на Изборниот законик, со кои се предвидуваа 1% на потребни потписи од вкупниот број на избирачи за кандидирање на независни листи, како и да го толкуваат сегашниот статус на независните кандидати на претстојните избори“, велат од „Независни од Карпош“.
Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово бараат да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати по пример на бројните европски држави. Исто така се бара да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.
„На еден месец пред распишување на изборите, има предлог на Изборниот законик кој не е изгласан, кој е спротивен на Уставот и одлуката на Уставниот суд и со кој повторно се зголемува бројот на потписи потребни за кандидирање на независни кандидати. Предложениот број на потребни потписи е од 100 до 1.000 и 3.500 за Град Скопје. Најголем дел од поставените прагови надминуваат 1% од избирачите што е решение полошо од тоа што Уставниот суд го укина во мај годинава. Од една страна има противуставен предлог за повторна измена на Изборниот законик, од друга страна нема официјално толкување за сегашната состојба со укинатите два члена од страна на Уставниот суд, со кои се одредува бројот на потписи потребен за кандидирање на независните. Паралелно, во Службен весник на РСМ во редакциски пречистениот текст на Изборниот законик во сила се старите одредби на членовите 61 и 62 кои се однесуваат на собирање на потписи за независните кандидати. Според овие одредби бројот на потребни потписи се движи од 100 до 450 и 1.000 за Град Скопје. Комплетна конфузија и правна несигурност за независните кандидати непосредно пред изборите“, додаваат од „Независни за Карпош“.
Граѓанsките иницијативи велат дека побарале средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, но не само што не биле примени туку немаат никаков одговор од нејзиниот Кабинет на барањето за средба.
„На нашето барање за итна средба со координаторите на пратеничките групи во Собранието, само ВМРО-ДПМНЕ не нè удостои ниту со одговор, ниту со средба, по изминати две недели. Останува средба со координаторот на ЗНАМ во текот на следната недела. Барем така е најавена, по вторпат. За пратениците согласно закон, секој петок е ден за нивни контакти со граѓаните и избирачите во изборните единици. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што се однесуваат крајно непрофесионално, неприфатливо, недемократски, туку и со одбивање средба со нас дрско го погазуваат законот“, велат од граѓанските иницијативи.
А. АНТЕВСКА