СОЛАРНИ ДРВА И ВЕТЕРНИЦИ ВО ДРАГОР ПРЕДВИДУВА ИЗБРАНОТО РЕШЕНИЕ ЗА РЕГУЛИРАЊЕ НА РЕЧНИОТ ТЕК

    СОЛАРНИ ДРВА И ВЕТЕРНИЦИ ВО ДРАГОР ПРЕДВИДУВА ИЗБРАНОТО РЕШЕНИЕ ЗА РЕГУЛИРАЊЕ НА РЕЧНИОТ ТЕККомпјутерски модел од проектот на Марина Сазданова и тимот на „ЕКО Мар Инжинеринг“ од Битола.

    Соларни дрва кои ќе произведуваат струја, канделабри со соларно напојување, пешачки, велосипедски и трим тартан патеки, видиковци со ветерници, а на дното филтри за прочистување на водата, е предвидено во најдоброто идејното решение за регулирање на речниот тек на реката Драгор, што беше избрано на јавниот конкурс од Општина Битола и деновиве беше изложено во Офицерскиот дом. Проектот е изработен од архитектот и одговорен проектант Марина Сазданова и тимот на „ЕКО Мар Инжинеринг“ од Битола.

    „Идејното решение го изработивме од љубов кон нашиот град, за да изгледа естетски поубаво, да имаме поквалитетен простор за спорт и рекреација, зеленилото и природата да ги истакнеме на највисоко ниво и овој простор да биде самоодржлив. Нашето конкурсно решение доби прва награда, во идејното решение ние вложивме геодетски снимки, хидраулички пресметки и ангажиран технички персонал, тим од повеќе инженери работевме на овој проект со должина од 4,2 километри“, вели Сазданова.

    Идејното решение го опфаќа текот од двете страни на реката од Црн Мост до западната граница на Генералниот урбанистички план (ГУП) и двата краци кон селата Дихово и Братиндол. Различните програмски зони по должината на реката се поврзуваат преку пешачки, велосипедски и трим патеки за трчање.

    „По течението на реката, странично на новопроектираното речно корито се поставени три видиковци од бетонска и челична конструкција. Обраснати со растенија. На врвот на видиковците се инсталирани аксијални ветерници, додека на дното има филтри за прочистување на водата. Странично на каскадите од реката се предвидени подводни рампи со цел непречена миграција и движење на рибите по течението“, додава Сазданова.

    Се предвидуваат и метални шестаголни конструкции со растенија при што се формираат зелени шатори во форма на големи елки. За осветлување ќе се користат канделабри кои се напојуваат од соларен панел и аксијална ветерница. Заради самоодржливост, ќе има и „соларни дрва“ – метални конструкции со монтирани соларни панели. Ќе служат за електрична енергија и заштита од сонцето. Обезбедена е интеграција на природата и зеленилото, при што истовремено ќе се обезбеди можност на населението да ги користи овие површини без да се нарушува природиот баланс на просторот. Од таа причина, не се предвидени големи објекти туку лесни конструкции од типот на настрешници и павилјони. Секоја зона програмски е планирана да понуди одмор, забава, спорт и рекреација. Предвидени се и места за фитнес, висока вештачка карпа и терен за мини голф. Ќе постои можност целиот опфат да се помине со велосипед или пеш. За да се спроведи на дело потребно е решението да се преточи во основен проект и да се обезбедат пари.

    „За реализација потребно да се изработи основен проект со кој ќе обезбеди одобрение за градење. Нивото на кое што се изработува основниот проект е разработено со сите позиции потребни за да се изгради овој проект, заедно со премер пресметка со сите потребни количини на градежни материјали и технологија на градење. Идејниот проект е основа за изработка на Основниот проект“, велат од тимот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира