Поради изградбата на експресниот пат за Радовиш и обиколницата на четвртиот километар, како и изградбата на новиот мост и санацијата на стариот мост на Брегалница кај месноста Каломерово, Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта размислуваат сообраќајот од клучката на третиот километар меѓу Радовиш и Три Чешми да биде пренасочен низ Штип, како што беше порано, за што веќе е поставен и патоказ.
Во тој случај, целиот сообраќај од Струмица и Радовиш за Скопје и Кочани и обратно ќе се одвива по новоселската клисура и ќе поминува покрај дотраените куќи во центарот на Штип, кои во секој момент можат да се срушат. Министерството за култура ги стави овие куќи под заштита на државата како културно наследство, а нивните сопственици со години не добиваат дозвола да ги реновираат.
Штипјани веќе почнале петиција против ваквото сообраќајно решение, кое, како што сметаат, ќе предизвика метеж во градот, особено на булеварот Гоце Делчев. Ова го смета и градоначалникот Сашко Николов и додава дека треба да се има предвид дека оваа градска делница ја користи и Клиничката болница како регионален здравствен центар.
„Пренасочувањето на сообраќајот навистина ќе биде голем проблем. Затоа наредната недела треба да имаме состанок со Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта да се види дали може да се изнајде друго, поповолно решение“, вели Николов.
Штипјани сметаат дека немаше да има проблем ако се реализираше идејниот проект донесен пред четири години за пробивање пат зад месноста Мери и населбата Пребег, кој ќе ја поврзеше новоизградената делница со новиот мост кај индустриската зона. Но, од проектот засега нема ни трага.
Т. ЈОВАНОВСКИ