Крајно се разладија односот меѓу советниците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и оние од независната иницијатива „Поинаку“, кои порано заедно учествуваа во Шарената револуција. Денес советничките од власта ја напуштија седницата кога на говорница да зборува се појави советникот од „Поинаку“, Иван Чулакоски. Советничките кои заминаа образложуваат дека на минатите седници од говорница тој повикувал на линч со камења за време на протести, а воедно бараат и да одговори дали против него СВР Охрид има поднесено кривична пријава за противправно лишување од слобода и телесна повреда.
„Сѐ додека не добиеме одговор, на начин на кој го побаравме, ќе напуштаме дискусија. Тој одбра палки, камења и линч, ние одбравме бојкот. Демократско право е, исто такво какво тие имаат за протестот“, рекоа советничките од СДСМ.
Заладувањето на односите започна уште минатата година кога „Поинаку“ почна да ја изедначува работата на сегашната власт со онаа на претходниот градоначалник. Чулакоски од „Поинаку“ на една од седниците се појави со палка. Но, конфронтацијата се засили по протестот за воздухот минатата недела, кога тој како еден од организаторите на својот Фејсбук профил напиша дека ќе носи камења и јајца. По ова за време на протестот беа искршени прозорците и други делови од влезот на општинската зграда. На снимката која кружеше на интернет можеше да се чуе еден од присутните како повикува „не со камења, мавајте со јајаца“. По ова, дел од лицата што протестираа упаднаа на свечената академија за заштитникот на градот „Свети Нектариј“ и по Петровска викаа уа, пцуеа и колнеа „арамии“, „оставете ги овие нека цркнат таму, сите да ве погребаат“. По протестот, Чулакоски беше повикан на информативен разговор во полиција.
По ова, на една од последните седници Чулакоски од говорница рече дека следниот пат кога воздухот ќе биде загаден на власта пак ќе ѝ се случи народ како оној на Груевски и да не се жалат за камења и јајца и да не ги нарекуваат вандали.
Вчера советничките од владејачката коалиција излегоа на прес-конференција и прашаа дали советникот од „Поинаку“ е тој со иницијали И.Ч. против кого СВР Охрид на 30.07.2017 година поднесе кривична пријава за насилство?
„Доколку има, го повикуваме, заради сериозноста на функцијата советник, на којшто граѓаните, меѓу кои и жени, му дале доверба да ги претставува со советот на општина Битола, како највисока форма на локална самоуправа, да си поднесе неотповиклива оставка. Воедно, ако пријавата се однесува на него, бараме неговата колешка советник, која што воедно е и претседател на комисијата за родова еднаквост, да се огради од неговите форми на изразување како советник. Дали повикува на насилие токму поради фактот што имаме жена градоначалник“, праша Жаклина Наумовска, советник од СДСМ.
Чулакоски се обрати со писмено соопштение во кое напиша: „Неможејќи со аргументи и политички да ја докажете својата ’способност‘ да го водите градот, безидејноста и работењето и да се справите со критиките од мене и од мојата колешка Габриела Илиевска, почнавте да се служите со фашистички систем, полош дури и од груевизмот за ширење на лажни вести и обид за лично омаловажување и обид и приватно да не понижите пред битолчани. Доколку сум бил осудуван за вакво дело за кое ме клеветите сигурно не би бил член на советот. Во овие 2 години наместо да сработите нешто вие сте се фатиле да се расправате со нас, како да сме градски непријатели број 1, како да сме терористи!!! ’Бомбашки‘ напади имало и ќе има како што вели вашиот Бошко Буха и нема да не застанете да се избориме за битолчани“, напиша Чулакоски.
Додаде дека за време на Шарената револуција тој ги печател „владимирките“ и флаерите за чист воздух, им ги полнел балоните со боја и ги координирал протестите со тогашното раководство на СДСМ, а сега им станал најголем политички непријател.
Ж. ЗДРАВКОВСКА