СОВЕТНИЦИТЕ НА СДСМ ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ОБВИНИЈА ЗА НЕПОТИЗАМ ВО НОВОГОДИШНАТА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“

    СОВЕТНИЦИТЕ НА СДСМ ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ОБВИНИЈА ЗА НЕПОТИЗАМ ВО НОВОГОДИШНАТА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“За новогодишната „Зимска приказна“ се потрошени половина милион денари повеќе од предвиденото. (Фото: СДК.МК)

    „Зимската приказна“, како што беше наречена новогодишната празнична манифестација организирана од Општина Битола, од зимска прерасна и во непостистичка, обвинија советниците на СДСМ на денешната седница на Советот, посочувајќи дека во неа биле вклучени и блиски роднини на советници и претставници од локалната власт. Советничката Мирјана Захариевска-Ралевска од СДСМ побара Советот да обезбеди финансиски извештај за потрошените средства кои се зголемија за половина милион денари од предвиденото.

    „Прашањето е кои се критериумите со кои е избрана фирмата организатор на настанот? По колку пари им е наплаќано на изнајмувачите на куќарките кои беа дел од настанот? Од која ставка на буџетот се исплаќани парите? Дали е вистина дека со новогодишната приказна се офајдија советникот Чулакоски (Поинаку) со сума од 100.000 денари за изработка на новогодишното платно? И која е сумата што ја заработија братот на советникот Марко Јосифовски (ВМРО-ДПМНЕ), сопругата на наводниот секретар Борче Димитровски и братот на советникот Алмир Адемовски (Поинаку)?“, рече советничката од СДСМ, Мирјана Захариевска-Ралевска.

    Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, кој беше присустен на седницата, одговори дека за манифестацијата беа потрошени 1.707.675 денари, што е повеќе од првично предвидените 1,2 милиони денари, но програмата траела девет дена. Не кажа дали биле вклучени блиски роднини на советниците од власта, но нагласи дека сите апликации за учество биле прифатени за да нема селективност и да заживее културната сцена на Битола.

    „Оваа година уште поголема ќе направиме маифестација, пак сите оние кои нешто значат во културата без селективност ќе бидат поканети да придонесат и Битола да ја направиме центар како што доликува. За манифестацијата се зборува позитивно не само на локално туку и на централно ниво. Градот го посетија колку битолчани толку и од останатите места од Прилеп, Новаци, Могила, Демир Хисар, Ресен. Очекував повеќе прашања за енергетската криза во која се наоѓаме, дека ќе се информирате за 16 милиони денари кои се платени за електрична енергија за 2 месеца и дека вашите тројца министри во владата ќе придонесат да ја надминеме таа криза и да помогнат дел од тие трошоци да се преземат на централно ниво“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира