СОВЕТНИЦИТЕ ПРВО НЕКА ПРОЧИТААТ ШТО ЗНАЧИ БАНКРОТ ПРЕД ДА СЕАТ СТРАВ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    СОВЕТНИЦИТЕ ПРВО НЕКА ПРОЧИТААТ ШТО ЗНАЧИ БАНКРОТ ПРЕД ДА СЕАТ СТРАВ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА„Во буквална смисла ништо да не работиме, денеска само да отидеме на работа, и градот ништо да не прави, Градот секој ден има по минимум 10 милиони денари на таа сметка“, вели Арсовска. (Фото: СКД.МК)

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска вели дека не знае кои се тие советници кои велат дека градот е банкротиран и зошто употребуваат ваква терминологија и рече дека тие прво треба да прочитаат што е значењето на зборот банкрот, да се запознаат, пред да сеат страв и паника меѓу граѓаните.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 11 мај објави дека буџетската сметка на Град Скопје е блокирана поради тужба кон Градот за предмет стар 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите. Дополнително, наши извори тврдат дека Градот веќе извесен период има финансиски проблеми, односно на сметката на дневна основа имаат од 10 до 20 милиони денари.

    Советниците од СДСМ во Советот на Град Скопје на 15 мај доставија барање за вонредна седница поради блокираната сметка и лошата финансиска состојба на Градот. Барањето е доставено до претседателот на Советот Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да закаже седница.

    „Во буквална смисла ништо да не работиме, денеска само да отидеме на работа, и градот ништо да не прави, Градот секој ден има по минимум 10 милиони денари на таа сметка. Градот ниту е блокиран, ниту може да биде, ниту е пред банкрот и многу ми е жал што политичките агенди се обидуваат, коалицијата СДСМ-ДПМНЕ да си ги тераат преку Градот Скопје“, одговори Арсовска на новинарски прашање после прес-конференција за состојбата на мостот „Беласица“.

    На прашањето како ќе се наплаќа долгот кон Скопски саем, таа кажа: „Проблематиката тука е зошто некој дозволил да има таков долг кога знаел, бил свесен од првиот ден дека ова е нешто кое, кога има барање од страна на Скопски саем да се вратат овие комуналии,да ги врати. Зошто некој свесно го довел Градот после толку години да плаќаме половина милион евра по основ на камати од овој спор за кој се знаело однапред дека е изгубен бидејќи тие свесно по закон, вие мора ги вратите во моментот кога спротивната страна ќе ги побара. Така што деликатна е ситуацијата, верувам дека треба да си побараат овие политички актери одговорност  меѓусебе“.

    Таа додаде дека не е точно ниту дека долгот ќе се наплаќа од блокирана сметка, ниту пак на рати.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира