Советниците од Советот на Град Скопје и денеска не добија одговори на советнички прашања кои ги поставуваа до градоначалничката Данела Арсовска, директорите на јавните претпријатија и службите. Градоначалничката Арсовска не ни дојде на седницата, а директорите на јавните претпријатија и раководителите на секторите не одговараа на прашањата. Речиси на сите поставени прашања, само излегуваа на говорницата и им велеа на советниците дека писмено ќе добијат одговор.
Арсовска е прв градоначалник на Скопје кој не одговара на советнички прашања и Град Скопје е целосно затворена институција за јавноста и новинарите. Во мандатите на ексградоначалниците Ристо Пенов, Трифун Костовски, Коце Трајановски и Петре Шилегов, тие редовно од говорницата одговараа на прашањата на советниците и даваа отчет за нивната работа.
Прашањата на советниците се прашања и поплаки на граѓаните кои стигнуваат до нив и кои тие ги пренесуваат на градоначалникот. Но, на Арсовска не ѝ е гајле за прашањата. Таа од почетокот на мандатот прво не доаѓаше на седниците, а потоа излегуваше на говорница само за да се кара со ВМРО-ДПМНЕ. Прашањата на другите советници велеше дека ќе бидат одговорени писмено, но одговори година и половина откако е на функција не се добиваат ниту писмено.
А. АНТЕВСКА