СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ПО ВТОРПАТ НЕ ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА КАНДИДАТИТЕ НА МВР ЗА КОМАНДИР НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА 

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ПО ВТОРПАТ НЕ ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА КАНДИДАТИТЕ НА МВР ЗА КОМАНДИР НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА МВР по вторпат се обидува да протурка кандидати кои не ги исполнуваат критериумите, рече претседатвачот на Советот Десар Дурмиши. (Фото: СДК.МК)

    Мнозинството од советниците во Советот на Општина Тетово по вторпат гласаше против предложените кандидати од  МВР за командир на полициската станица за општа надлежност во Тетово. Кандидатите за ова место во СВР Тетово ги предлага МВР, a советниците на Советот на Општина Тетово треба да дадат согласност или да ги не ги прифатат предложените лица. Претседавачот на Советот Десар Дурмиши вели дека МВР по вторпат се обидува да протурка кандидати кои не ги исполнуваат критериумите.

    „Оваа корумпирана Влада уште еднаш предложи кандидат кој не ги исполнува основните критериуми за таа функција, што ние како Совет еднаш веќе го утврдивме. Сега повторно се дава предлог кој повторно не е адекватен за функцијата, а кој оди уште подалеку и се работи за непотизам. Овој кандидат е сопруг на пратеничка на една партија која е на власт. Со ова го кршат законот и немаат намера да го почитуваат, туку единствената грижа им е да ја имаат полицијата во свои раце“, изјави претседавачот на Советот на Општина Тетово.

    Мнозинството со Советот на Општината беше на мислење дека предлогот за лицето Фисник Шаќири не може да помине бидејќи се работи за непотизам, оти тој е сопруг на пратеничка во Парламентот и дека поради ова станува збор за непотизам. На ова остро реагираа советниците од редовите на ДУИ, кои обвинија дека и во општинската власт има многу случаи на непотизам па за тоа никој не презема одговорност. Советниците гласаа поединечно за секој од трите кандидати, при што со 17 гласови против и 14 гласови за, беше одбиена кандидатурата на Фисник Шаќири. Како и Шаќири, така и другите двајца кандидати, Бобан Симјановски и Игор Настовски не го добија потребното мнозинство гласови. Со ова постапката за избор на командир на полициската станица за општа надлежност ќе се повтори после 30 дена, до кога МВР треба да достави нови кандидати.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира