Две деца на 15-годишна возраст и едно 18-годишно лице денеска беа спасени откако се капеле во реката Треска и биле однесени од надојдената вода предизвикана од зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Едното малолетно лице веднаш било извлечено од водата, додека другите две лица биле пронајдени низводно по течението на реката Треска. Сите три лица се спасени, живи се и немаат видливи повреди.
По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ја координираше интервенцијата и побара ангажирање на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош.
Во акцијата за пребарување и спасување учествуваа припадници на Територијалната противпожарна единица, полициски службеници, екипа на Итната медицинска помош и жители на Општина Сарај.
„Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти“, велат од ЦУК.



