СПАСИТЕЛНАТА КУЛА ОШТЕТЕНА, И ЛЕТОВО БЕЗ СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА НА ЕЗЕРО МЛАДОСТ

    СПАСИТЕЛНАТА КУЛА ОШТЕТЕНА, И ЛЕТОВО БЕЗ СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА НА ЕЗЕРО МЛАДОСТПлатформата е сериозно оштетена од времето и ќе треба да се гради нова. (Фото: СДК.МК)

    Капачката сезона на езерото Младост се отвори, но и годинава ја нема спасителната служба. Таму со години дежураа спасителите од Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител” од Велес. Но мината година се повлекоа, велат поради коронавирусот, иако им беше срушена спасителната кула на која дежураа преку викенд.

    Годинава добија и проект од локалната власт, во висина од 50 илјади денари за реализација на дежурствата, откако минатата година побараа и надомест.

    „Како ќе дежураме кога нема спасителна кула, таа е оштетена веќе година и половина и неупотреблива. Повеќе пати изминатите месеци реагиравме до локалната власт, но засега нема решение“, вели Ангел Пановски, претседател на „Македонски спасител“.

    Од Општина Велес за санирањето на спасителната кула, одговорноста ја префрлија кај јавното комунално претпријтие „Дервен“.

    „Што се однесува до спасителната кула, ве упатувам да се обратите во ЈКП ‘Дервен’ затоа што тие се надлежни да ја обноват срушената кула. Од страна на Општина Велес во повеќе наврати им е укажано да ја направат кулата“, велат од локалната власт.

    Од „Дервен“, по еднонеделно чекање одговор, најавуваат дека набргу кулата ќе биде санирана.

    „Платформата е од времето сериозно оштетена, ќе треба да се гради нова. Во наредните десеттина дена ќе вложиме напори да ја обновиме и да може спасителите на неа да дежураат“, велат од „Дервен“.

    Минатата година, после десетина години беше регистриран случај на давеник. На Петровден, 28-годишно момче од Скопје се удави пред очите на неговиот татко.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира