СРЕДЕ МОРАТОРИУМ „БЕКО“ ДОБИ ВТОРА ПЛОЧА, БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ – ЌЕ ГО РУШАМ

    СРЕДЕ МОРАТОРИУМ „БЕКО“ ДОБИ ВТОРА ПЛОЧА, БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ – ЌЕ ГО РУШАМОбјектот доби и втора плоча, а работници секој ден на големо работат на изградба иако немаат дозвола од Општина Центар. (Фото: Фејсбук)

    Зградата на поранешно „Беко“ и понатаму се гради иако во општина Центар на сила е мораториумот за градба. Сега објектот доби и втора плоча, а работници секој ден на големо работат на изградба иако немаат дозвола од Општината.

    На 16 мај САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека се поплочува градилиштето и се поставува арматура за носечките столбови на објектот. Тогаш градоначалникот Саша Богдановиќ ни изјави дека инвеститорот не гради туку при уривањето и копањето на дупката се појавило вода па вршат заштита.

    Сега, три недели после оваа изјава на Богдановиќ на терен се гради постојано секој ден. Поставена е втора плоча односно изведени се подрумските простории на објектот, но Општината нема намера да ја стопира градбата иако постојано вели дека мораториумот важи и за овој објект и дека не издале дозвола за градба.

    Состојбата на „Беко“ на 16 мај кога градоначалникот Богдановиќ тврдеше дека не се гради туку само се санираат проблеми со подземни води и состојбата денес кога објектот доби и втора плоча. (Фото: СДК.МК/Фејсбук)

    Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека му издале на инвеститорот решение за престанок на градежни активности и тој не смее да гради.

    „Инвеститорот треба според решението да ја отстрани градбата. Доколку тоа не го стори тоа ќе го стори Општината односно ние ќе уриваме“, вели Богдановиќ.

    Зградата на поранешно „Беко“ почна да се урива лани во март. Инвеститорот тврдеше дека била нарушена статиката и затоа мора да се урне. Колкава ќе биде висината на објектот од Општината велат дека ќе се знае кога ќе се заврши изработката на новиот детален урбанистички план, но постојано уверуваат дека нема да добие поголема висина од претходната.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари