СРЕДНОШКОЛЦИ ОД СТРУМИЦА НА ЧАСОВИТЕ ПО ПРАКТИЧНА НАСТАВА ЌЕ ГИ ОБНОВУВААТ ОШТЕТЕНИТЕ КЛУПИ НИЗ ГРАДОТ

    СРЕДНОШКОЛЦИ ОД СТРУМИЦА НА ЧАСОВИТЕ ПО ПРАКТИЧНА НАСТАВА ЌЕ ГИ ОБНОВУВААТ ОШТЕТЕНИТЕ КЛУПИ НИЗ ГРАДОТОпштина Струмица ќе обезбеди материјали за учениците од од дрвопреработувачка струка, кои потоа во работилниците ќе ја обработат и фарбаат дрвената граѓа. (Фото: СДК.МК)

    Средношколци од училиштето „Никола Карев“ од Струмица од дрвопреработувачка струка ќе ги поправаат оштетените и демолирани клупи во градскиот парк и низ градот. Тие заедно со професорот Никола Узунов, извршија мапирање на клупите во Струмица, при што акцент беше ставен на демолираните и оние на кои им недостасува или им е уништена дрвената подлога.

    „Мапирани се околу 190 клупи за одмор на кои треба да се интеревенира. Некои ќе бидат фарбани со посебни средства за заштита на дрво, други ќе се санираат. Наша обврска е за време на практичната настава да изработиме дрвени подлоги со димензии како на поставените клупи. За време на практичната настава ќе пристапиме и кон заштита на дрвните елементи од урбаната опрема“, вели професорот Узунов.

    Општина Струмица ќе обезбеди материјали за учениците од оваа струка, кои потоа во работилниците ќе ја обработуваат и ќе ја фарбаат дрвената граѓа.

    „Општина Струмица ќе ја поддржи оваа акција. Ме радува што младите сакаат да дадат свој влог во заедницата и сакаат да придонесат за подобра слика со урбаната опрема. Општината ќе ги обезбеди потребните матријали како бои, лакови, алат, дрвена граѓа за да се реализира целата акција“, вели градоначалникот Петар Јанков.

    Во целиот процес ќе бидат вклучени сите класови од дрвoпреработувачаката струка, образовен профил  техничар за мебел и ентериер. Станува збор за 50-тина средношколци од прва до четврта година. Ова не е прв пат учениците од дрвопреработувачаката струка да излегуваат во пресрет на заедницата. Месецов, тие под менторство на своите наставници изработија функционален мебел за Одделот за невропсихијатрија при Општата болница и за Затворот во Струмица. За потребите на училиштето изработија и кујна, а низ годините имаат произведено и шкафче за секое дете во училиштата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира