Средното стручно училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, кое неодамна прерасна во образовен центар, доби стакленик и метеорoлошка станица, кои ќе послужат за поквалитетно следење на наставата и за обука на учениците.
„Овој стакленик има опрема за автоматска регулација на температурата, технологии за прихрана на културата и автоматика за наводнување според системот капка по капка. Опремата содржи и метео-станица, која го помага компјутерот за автоматска регулација на условите во стакленикот. Во рамките на проектот предвидени се и обуки за стекнување вештини за одгледување земјоделски култури во стакленик и обука за стекнување вештини за претприемништво, односно изработка на бизнис планови“, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски при предавањето на овие објекти на училиштето.
Според него, со овој проект вреден 2.169.000 денари е инвестирано во функционален стакленик, при што 45 лица од регионот, по пет од секоја општина, ќе можат да се стекнат со вештини за одгледување земјоделски култури под стакленик, а тој ќе послужи и за оспособување на учениците од училиштето.
„Триесет ученици од земјоделско-ветеринарна струка ќе стекнат вештини за одгледување култури во стакленик, 179 ученици од електротехничка струка ќе се стекнат со вештини за автоматизација и програмирање, додека 20 професори ќе ги зголемат компетенциите за работа во стакленик“, велат од училиштето.
З. АНДОНОВ