Пресреќен сум што се отвори вакво место каде ќе можам да се дружам секој ден со моите врсници, да учам и да се забавувам, вели 23-годишниот Леон Шатовиќ за новиот Дневен центар за лица над 18 години со интелектуална попреченост во Скопје. Центарот од денеска е отворен на улицата Пролет зад трговскиот ценар „Веро“, преку заедничка соработка на Црвениот крст на Град Скопје, Општина Центар и Град Скопје.
Објектот, кој до пред неколку месеци беше кафеана, е во сопственост на Општина Центар и сега е адаптиран во Дневен центар за лица со интелектуална попреченост. Ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот. Со лицата, покрај волонтери од Црвениот крст, ќе работат психолог и социјален работник.
Едно од лицата кое ќе го користи овој Дневен центар е 23-годишниот Леон, кој беше пресреќен и ни рече дека секој ден ќе го посетува објектот.
„За нас родителите овој Центар значи многу. Знаеме дека децата тука ќе бидат среќни, ќе можат да напредуваат, ќе имаат секојдневен ангажман. Тоа што ќе се дружат со волонтери од Црвениот крст и ќе бидат вклучени во нивните активности, ќе овозможи инклузија на лицата во општеството. Покрај секојдневните активности, ќе се организираат и екскурзии, што за овие лица значи многу“, велат родителите на лицата кои денеска беа на отворањето на Центарот.
Од Црвениот крст велат дека овој Центар не само што ќе им помогне на лицата со интелектуална попреченост туку истовремено ќе биде од помош и за нивните родители и семејства.
„Се надевам дека ова место ќе прерасне во препознатливо катче. Во Центарот ќе работи координатор, лекар, социјален работник и психолог, Веќе имаме договор со Факултетот за дефектологија, студентите практичната настава да ја спроведуваат во овој центар. Секако, во него ќе бидат и голем број волонтери од Црвениот крст, кои лицата ќе ги вклучуваат во сите наши редовни активности. Цело е кога има сѐ, а сите заедно ќе направиме на крај да се чувствуваме општествено одговорни личности.“, рече Сузана Тунева секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА