СТАНАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ДОМА ОТИ УЛИЦАТА МИРОСЛАВ КРЛЕЖА ВО ДЕБАР МААЛО Е БЛОКИРАНА СО КОЛИ

    СТАНАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ДОМА ОТИ УЛИЦАТА МИРОСЛАВ КРЛЕЖА ВО ДЕБАР МААЛО Е БЛОКИРАНА СО КОЛИКолите се наредени една зад друга, во два реда, блокирајќи го не само движењето на возила, туку и на пешаци и велосипедисти (Фото: СДК.МК)

    Улицата Мирослав Крлежа во скопско Дебар Маало секој ден од утро до доцна навечер е претворена во паркинг. Таа минува покрај Министерството за култура и завршува како слепа улица кај кафулето „Правда“.

    Станарите на околните згради како резиденти имаат налепници за паркирање на тротоарите, но проблемот е што во текот на цел ден вработени во околните фирми и посетители на кафулињата се паркираат на самата улица. Колите се наредени една зад друга во два реда, блокирајќи го движењето не само на возила, туку и на пешаци и велосипедисти. Станарите не можат да излезат од нивните паркинг места оти се блокирани од колите на улица.

    „Не можеме да излеземе од дома. Секој ден по дваесетина коли слободно се паркираат сред цела улица во два реда како да е слободен паркинг простор. И навечер е исто, младите кои излегуваат во Дебар Маало се паркираат слободно тука. Не дај боже да се случи некоја несреќа, нема да можеме да излеземе, ниту, пак, да дојде Брза помош или Пожарна“, вели А. М., станарка на околните згради.

    Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека оваа улица напролет ќе почне да се реконструира и ќе стане пешачка зона, со што ќе се реши овој проблем.

    „Завршен е тендерот, сега се разгледуваат понудите. Сега на оваа улица паркирањето го регулира ЈП ‘Градски паркинг‘. Штом ја реконструираме, ние ќе го преземеме паркирањето и дозвола ќе имаат само станарите, односно нема да може да влегуваат други возила“, вели Герасимовски.

    На нашето прашање што да прават станарите во наредните три-четири месеци, односно зошто пајак служба не ги крева погрешно паркираните коли, Герасимовски рече дека тоа треба да го прави градското претпријатие.

    Директорот на ЈП „Градски паркинг“, Борче Јакимовски, вели дека тие го регулираат паркирањето на тротоарите, а Општина Центар треба да ги казнува несовесните граѓани, бидејќи станува збор за паркирање на општинска улица.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира