На улицата Тодор Чучков во центарот на Штип, стотина метри од таканаречаната зграда промаја и градската автобуска станица, од напуштена и руинирана куќа со срушен покрив и таван и од непристапен двор целиот обраснат со грмушки, трња и разни дрвја, почнаа да излегуваат стаорци, куни, змии, велат жителите од реонот Тузлија. Велат дека дел од животните почна да преминува кај соседните куќи, па денеска во дворот на најблиската куќа сопственикот се соочил со еден смок долг повеќе од еден метар.
Тој и останатите жители од маалото велат дека често гледале како во дворот кај напуштената куќа претрчуваат стаорци и куни, а штом има смокови велат дека сигурно има и змии. Сметаат дека овие влекачи и глодари се потенцијална опасност за минувачите, посебно децата кои секојдневно одејќи или враќајќи се од школо поминуваат покрај напуштената куќа.
Проблемот бил пријавен во Општината од каде им рекле дека немаат надлежност затоа што станува збор за приватен имот, а имотот како што знаат жителите од овој реон бил на повеќе наследници кои биле раселени низ светот. Куќата повеќе години е оставена да пропаѓа и да се урива.
Жителите од Тузлија сега единствен спас гледаат во најавата дека за куќата веќе има оглас оти се продава, па идниот градител од темел да го расчисти теренот и да го реши проблемот.
Т. ЈОВАНОВСКИ