Жителите на Тафталиџе вечерва со протест му порачаа на градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски дека во населбата нема повеќе место за згради. Граѓаните го организираа протестот со цел да сопре масовниот замав на урбаната мафија во Тафталиџе откако пребројаа дека во населбата во изградба се 25 повеќекатници.
Протестот го организираа на улица Варшавска, 19, до новооградениот простор за изградба на осумкатница на место на поранешна барака. На лимените тараби од новото градилиште, граѓаните му оставија пораки на градоначалникот со текст „Стевче Јакимовски уништувач на паркови и зеленико во Карпош“, „Стевче Јакимовски: Не може нам нико ништа јачи смо од судбине – навистина е јак го бетонира и уништи Тафталиџе“, а закачија неколку портрети од градоначалникот со пречкртано лице.
Иако му се обраќаа на градоначалникот и на неговите соработници, тој го игнорираше и овој протест на граѓаните. Не се појави ниту тој, ниту пак некој одговорен од Општината.
Додека граѓаните се собираа на протест, на улица Прашка, исто така во Тафталиџе изби пожар во една од зградите во изградба. Пожарот веднаш беше изгаснат, без поголеми штети, но им даде аргумент повеќе на насобраните луѓе да борат против масовното градење згради на парцели на бараки.
Мото на собирот беше „Стоп за урбаната мафија во Карпош! За иднината се работи!“, а насобраните граѓани порачаа дека не сакаат да го загушат во бетон просторот во кој растеле и во кој ги растат сопствените деца.
Протестот беше организиран за да ги потсети локалните власти кога ги изработуваат плановите да внимаваат на предвид релевантни фактори, неопходни за нормално и непречено секојдневие на граѓаните од населбата како што се паркинзи, зеленило, сообраќајна мрежа, квалитет на воздух и слично.
Граѓанските движења во овој дел на Општината се посебно активни последниве две години. Лани пензионерите од улица Букурешка ги сопреа багерите, дојдени да градат зграда во последното паркче на улицата.
Е. БОЧВАРОСКА